Македонската филхармонија ја најави програмата за новата концертна сезона

Македонската филхармонија ја најави програмата за новата концертна сезона, во љубителите на музиката ќе имаат можност повторно да присуствуваат на концерти со разновидна содржина, да проследат настапи на врвни солисти и диригенти, да бидат сведоци на премиерни дела.

Свеченото отворање на новата концертна година ќе се случи на 6 октомври, со настапот на музичката виолинистичка ѕвезда Мидори (Јапонија, САД), која ќе го изведе атрактивниот Концерт за виолина и оркестар од оскаровецот Ерих Корнголд. Под палката на миленикот на македонската публика, маестро Емил Табаков од Бугарија, ќе биде изведено и комплексното симфониско дело „Животот на херојот“ од Рихард Штарус, по кое овој концерт го носи насловот.

До крајот на сезоната, на сцената заедно со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапат и извонредните и повеќенаградувани пијанисти – Лукас Вондрачек од Чешка, Џорџ Ли од САД, Дино Имери, Оли Мустонен од Финска, виолинистите од Македонија со меѓународна кариера Ѓорѓи Димчевси и Сихана Бадивуку, светски признатиот виолинист Нинг Фенг од Јапонија. Публиката за прв пат ќе ги чуе и харфистката Мојца Злобко од Словенија, Ксенија Сидорова на хармоника од Русија, саксофонистката Ејми Диксон од Австралија, Иштван Вардаи на виолончело од Унгарија, еден од најдобрите хорнисти – Штефан Дор од Германија, сопранистката Милена Арсовска…

Зад пултот ќе застанат Јерухам Шаровски од Израел, нашите Борјан Цанев и Саша Николовски-Ѓумар, Емил Табаков од Бугарија, Кејс Скалионе од САД, Даниел Рајскин од Русија, Со Аватсуџи од Јапонија, Тимоти Редмонд од Велика Британија.

Концертите и овој пат носат одредени наслови кои укажуваат на програмската определба. Покрај оној на отворањето „Животот на херојот“, останатите концерти се насловени „Импресии“, „Enfant Terrible“, „Пролет во ноември“, „Гротеска“, „Виолиниски бравури“, „Чајковски: смеа и тага“, „Моцарт vs Шенберг“, „Автентичност и Барток“, „Гласот на славејот“, „ББ“, а и годинава продолжува интересниот циклус „Алхемија“.

Како ексклузивни проекти Македонската филхармонија ги најавува концертот на светскиот џез-трубач Душко Гојковиќ со неговиот Квартет, традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените годинава насловен „Париз те сакам“ и посветен на француската шансона, како и концертот „Видео игра“ кој ќе ја донесе музиката од најновите видео анимации. Содржината на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“, пак, повторно ќе остане изненадување до самиот почеток на неговото одржување, традиционално во јуни.

Програмата на новата концертна сезона е шаренолика, интересна, атрактивна, наедно и комплексна, а ќе претстави дела на Чајковски, Рахмањинов, Шостакович, Равел, Дебиси, Прокофјев, Моцарт, Бетовен, Шуман, Шнитке, Сен-Санс, Бизе, Барток, Голиов, но и македонски дела.

Македонската филхармонија и годинава ќе се погрижи за најмладата музичка публика. Ќе бидат изведени редовните симфониски концерти за деца кои ќе донесат интересни звучни мигови, но ќе се воведат и нови проекти за најмладите, музички работилници и мултимедијални концерти со кои ќе се прошири оваа дејност на нашата институција.

Во пресрет и на новата концертна сезона 2016/2017 за љубителите на музиката Македонската филхармонија ги обезбедува традиционалните претплатнички циклуси „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“, кои ќе започнат на 12 септември (понеделник).

Во 2017 година се планита и преселба на оваа институција во новиот објект каде се сместени две концертни сали.

Со концертот „Песни од срцата“ на „Охридско лето“, Македонската филхармонија ја заокружува тековната концертната сезона.  Концертот е најавен за 8 август, во Античкиот театар кога под палката на маестро Борјан Цанев, ќе настапат врвните вокални уметници Ана и Игор Дурловски.