Македонија влегува во портокалова фаза, Министерството за здравство дава мерки за заштита од температурите

Согласно најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, во текот на следните три дена, почнувајќи од утре (29 јуни) до сабота (1 јули) територијата на целата држава ќе биде зафатена со температури од портокалова фаза. Температурите некаде ќе достигнат и над 40 степени.

Министерството за здравство препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години.

„На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Препорачуваме да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период“, соопштуваат од министерството.

За граѓаните од целата држава потсетуваат дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Републичниот совет за безбедност на сообраќајот на патишта (РСБСП) апелира до возачите, велосипедистите и пешаците да избегнуваат патување во периодот од 12 до 16 часот. Исто така, да консумираат повеќе течности и да прават почести паузи.

„Високите температури предизвикуваат пад на концентрацијата и дефокусираност, чувство на паника, несигурност и раздразливост кај возачите и останатите учесници во сообраќајот, а топлото време и високите температури го продолжуваат сопирачкиот пат на возилото, за што е неопходно е да се држи безбедно растојание меѓу возилата и да се почитуваат ограничувањата за брзината. Да не се вози слалом, да не се пристигнуваат колони со возила и пешаци“ препорачуваат од РСБСП.

Од РСБСП апелираат возачите да покажат повисоко ниво на толеранција кон пешаците и велосипедистите, и во духот на сообраќајната култура и личниот бон тон, секој возач треба да има предвид дека пешаците и велосипедистите се тие кои се директно изложени на жешкото сонце.