Македонија меѓу црвените точки на новата европска мапа за квалитетот на воздухот

Нова интерактивна мапа овозможува преглед на тоа каков е квалитетот на воздухот во реално време низ градовите и регионите во Европа, каде аерозагадувањето е еден од најголемите здравствени ризици. Новата онлајн платформа, наречена Европски индекс на квалитет на воздухот, е покрената од Европската агенција за животна средина и Европската комисија.

Во последните 12 часа Македонија е обележана со црвени точки кои означуваат лош квалитет на воздух, заедно со неколку градови во Шпанија, Франција, Чешка и Австрија, додека Полска е земјата која во моментов се соочува со најлош квалитет на воздухот.

Шведска, Норвешка и Финска имаат најчист воздух на континентот.

Мапата, засега, го прикажува загадувањето по часови за последните два дена. Квалитетот на воздухот од мерните станици е сликовито обележан со кругови обоени од светло сина – која претставува најчист воздух, до темно црвена боја – која претставува најзагаден воздух.

Веројатно поради дождот кој ја зафати Македонија, барем последниве 48 часа градовите од земјава го менуваат статусот од жолт во црвен круг, што означува среден и лош квалитет на воздухот. Исклучок е Велес кој е обележан со темно црвена боја која означува многу лош квалитет на воздухот.

Мапата на аерозагадување во последните 12, 24 и 47 часа

„Новиот Европски индекс за квалитетот на воздухот им овозможува на граѓаните лесен начин за пристап до информации за нивниот локален квалитет на воздух, што може да има директно влијание на нивното здравје. Оваа информација, достапна секому, е важна основа за дијалог и одлуки кои се потребни за заштита на здравјето на луѓето, особено во градовите“, вели Ханс Брујнинк, извршниот директор на Европската агенција за екологија.

Податоците се прибираат во реално време од 2 илјади станици за мониторинг на квалитетот на воздухот низ Европа, а индексот е составен од петте главни загадувачки параметри – ПМ-2,5 и ПМ-10 честички, озон, нитроген диоксид и сулфур диоксид кои се поврзани со рак на белите дробови, тип-2 дијабетис и кардиоваскуларни заболувања.

Најопасните од нив, ПМ-2,5 честичките, кои се наоѓаат во емисиите од возилата и индустријата, според проценките предизвикале предвремена смрт на 400.000 жители на Европа во 2014 година.

„Аерозагадувањето е невидлив убиец, па индексот за квалитетот на воздухот е потребен за да се информираат граѓаните на Европа за состојбата на воздухот кој го дишат во нивната околина. Работиме заедно со градовите, регионите, земјите и индустријата за да се справиме со изворите на ова загадување, кое е коктел кој доаѓа од фабриките, домовите и полињата, не само од транспорот“, вели во сооштението Кармену Вела, еврокомесарката за животна средина.

Покренувањето на мапата следува по годишниот извештај на ЕЕА за квалитетот на воздухот во Европа кој покажа дека најголемиот дел луѓе кои живеат во европските градови се изложени на нивоа на загадување на воздухот кое се смета за опасно од Светската здравствена организација.