Македонија го плаќала со 11.000 евра секое работно место кај странските инвеститори

„Ова било политика за економско шоу, а не за економски раст“, вака портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, ја карактеризираше кампањата на поранешната власт за привлекување странски инвестиции во која за 10 години биле потрошени 225 милиони евра, за влез на 25 странски компании, кои вработиле вкупно 20 илјади лица.

Според овие бројки, за секое од овие 20.000 вработени во странските компании, Македонија од Буџетот одвојувала по 11.250 евра.

Повеќето од вработувањата, информираше Бошњаковски, не се нови вработувања, туку работници преземени од македонското стопанство.

„Ова е сумираниот резултат од декласификацијата на договорите склучени во затворен круг, кои биле затворени за јавноста. Договори со кои се игнорирало македонското стопанство. Сакаме да појасниме дека не постоел документ или водич со јасни критериуми за преговарање, или барем ние не го најдовме. Критериуми не постоеле. Преговарале министри, советници, промотори… без никакви критериуми“, рече портпаролот на Владата.

Претходната Влада потрошила 26 милиони евра во кеш на неповратни грантови на странските директни инвестиции: 14 милиони евра за креирање работни места, 5 милиони евра за обуки, 10 милиони за градежни работи.

Странските инвеститори биле ослободени и од плаќање на вкупно 69 милиони евра преку ослободување од даночни и царински давачки. Бошњаковски посочи дека според владината анализа, само 1% од набавките на странските компании доаѓале од македонски добавувачи.

Уште 130 милиони евра од Буџетот се потрошени на привлекување странски инвестиции, за што портпаролот на Владата најави посебна пресконференција.

Тој додава дека претходната Влада, веднаш по завршување на преговорите, ги класифицирала договорените работи и на тој начин ја обезбедувала тајноста на податоците.

Бошњаковски потенцираше дека Владата целосно ќе ги испочитува сите договори и должности кон овие 25 странски инвеститори кои ќе продолжат да ги користат сите досегашни бенифиции, додека најави дополнителни податоци за нови мерки во следниот период.