Македонија да ги следи трендовите за легализација на канабисот

Дали на Македонија и е потребна легализацијата на канабисот и какви се трендовите во светот во однос на неговата употреба беше тема на научната расправа насловена „Легализација на канабис, да или не?“ во организација на Здружението за канабис и зелени политики „Билка“ и Здружението на млади кривичари што се одржа денеска на Правниот факултет во Скопје.

За судијата Владимир Туфегџиќ  употребата на канабисот е лична одлука на секој поединец, а проблемот е кој модел ќе биде прифатен во контекст на решавање на ова прашање. Укажа на примерот со Италија која во 2017 година, вели, стана најлиберална земја со дозволување и одгледување на канабисот, но за сопствени цели што се контролира со правна регулатива, односно водење евиденција – регистар на тие лица. За него дилема е како и таа дозволена количина од 15 грама доаѓа до корисникот.

Во контекст на користење за медицинска употреба, кај него дилемата е е во поставеноста на медицинското казнено право во однос на препишување и консумирање, односно примена на терапијата која содржи ваков вид состојки, поточно која е лекарската одговорност ако се работи за терапија која треба да ја даде исклучиво лекар или терапија која му се дава на пациентот која треба да биде употребена односно дозирана од него самиот. Значи, системот на контрола и одговорност во однос на користењето.

„Сите треба да размислуваме во тој правец дека декриминализацијата значи ставање во слободен промет нешто што до вчера било казниво, а либерализацијата е обратен процес нешто што до вчера било нелегално сега треба да го ставиме во правна рамка да биде легално“, рече Туфегџиќ.

Според обвинителката од СЈО Ленче Ристовска, Македонија со закон во 2016 година дозволи употреба на канабисот во медицински цели, но ваквата одлука не била поткрепена на научни параметри кога законодавецот одлучил и понатаму да се задржи инкриминацијата на канабисот како опојна дрога од прва категорија, посебно во делот на лична употреба.

„Се работи за сфера во која државата треба да биде присутна. Сметам дека државата треба да има зголемена контрола од она што го има сега, но таквиот степен на контрола треба да биде проследен со детална регулација која би оневозможила натамошни злоупотреби на наркотичните дроги, завршување на црниот пазар и користење за нелегални цели. Меѓутоа, од друга страна сепак треба да се работи за активности кои државата треба да ги преземе, но активности со коишто ќе го олесни процесот на употреба на лицата коишто имаат такви желби“, рече Ристовска.

Професорката Александра Дејановска од Правниот факултет истакна дека кај нас не постои класификација на дрогите, а праксата покажува тенденција дека употребата и кривичните дела во врска со канабисот да се третираат како нешто полесно за кое во судството се изрекуваат пониски казни како и изрекување на вонинституционални мерки како парична казна, судска опомена и слично.

За неа отворено прашање е и што всушност сакаме да направиме во државата – декриминализација, депенализација или легализација, а она што треба да се направи под итно што значи помало количество дрога за лична употреба.

„Ако одиме кон легализација ќе се придружиме на групата држави коишто се се уште малубројни и тоа значи и големи обврски и одговорност за самата држава. Се поставува прашањето дали РМ во овој момент со сите други отворени прашања и проблеми има капацитет ова да го преземе или можеби треба само да се размислува и да се направи план кое би било најсоодветното решение во догледна иднина. Чекорот кон легализација би значело зголемување на бројот на акти со коишто ќе се регулираат низа прашања поврзани со оваа материја“, вели Дејановска.

Според Јанаки Митроски од Здружението „Билка“ најсоодветното решение во однос на производството и продажбата на канабисот би било доколку државата ја преземе таа одговорност.

Здружението „Билка“ се залага за целосно декриминализирање на канабисот во медицински и рекреативни цели. Под декриминализација се подразбира укинување на кривичните казни за поединечни постапки или нивна замена со некривични санкции во услови кога постојат меѓународно правни пречки за легализација.

МИА
Фото: Билка