„МакеДокс“ објави повик за учество на работилница за креативен документарен филм

„МакеДокс“ е во потрага по дванаесетмина млади на возраст од 15 до 18 години, кои сакаат да учествуваат во работилница за креативен документарен филм.

За пријавување потребно е секој да се сними себеси во вид на видеопорака, со телефон, веб-камера или на кој било друг начин, и преку видеото, кое не треба да трае повеќе од пет минути, одговори на следниве прашања:

1. Освен преку соништата, на кој друг начин бегаш од секојдневието?
2. Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?
3. Кое е твоето прво сеќавање?
4. Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што би била првата реченица која би ти ја кажало и зошто?
5. Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
6. Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
7. Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеото треба да се испрати на dokunikulci@makedox.mk преку wetransfer, или прикачувајќи го на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а до „МакеДокс“ треба да се испрати линкот и лозинката.

Повикот е отворен до 28 јуни 2017 година, a резултатите ќе бидат објавени до 4 јули 2017 година.
Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува во следниве термини:

-Патувачко кино и Д Фестивал – Дојран (12-25 јули – 5 дена)
– Филмски фестивал „МакеДокс“ (19-25 август – 6 дена)
– Две есенски сесии по договор (5-7 дена)

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, како и соработници од други земји.

Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но од фестивалот нагласуваат дека сместувањето, за време на патувачкото кино, понекогаш е под отворено небо.

„Сакаме млади луѓе кои имаат храброст да се изразат креативно и слободно, кои ќе бидат спремни да се впуштат во една незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор; на крајот на работилницата, секоја група треба да има готов креативен документарен филм. (Во овој момент, не бери гајле за опрема.)“, велат од „МакеДокс“.

Оттаму напоменуваат дека доколку пријавениот е малолетен/на, заедно со пријавите, треба да достави и согласност од одговорен возрасен, со која се одобрува учество на работилницата.