Лос Анџелес е град со најголем сообраќаен метеж

Лос Анџелес има најлош сообраќај во светот, според аналитичарите на сообраќај кои истражувале 1064 градови. Минатата година, град со „најзаглавен“ сообраќај бил Киркленд, Вашингтон.

Ниските цени на горивото и економската стабилност ги преоптоваруваат патиштата во САД, што води до сообраќаен метеж кој американските возачи ги чини речиси 300 милијарди долари во залудно потрошено гориво и време минатата година, според ново истражување објавено неделава.

Во просек, возачите на моторни возила во Лос Анџелес поминале околу 104 часа заглавени во метеж, за време на „шпицот“ секој ден во 2016 година. Тоа придонело за губење на 2408 долари по возач, или 9,7 милијарди долари колективно, во потрошен бензин и време кое можело да се потроши продуктивно, вели истражувањето.

Со тоа, ова е најлошиот град за возачите, полош и од Москва и Њујорк, каде возачите поминуваат во просек 89 до 91 час заглавени во сообраќајниот метеж.

Во првите 10 градови со најлош сообраќај, најголем дел од нив се американски.

„Стабилната економија на САД, постојаната урбанизација на поголемите градови и факторите како падот на невработеноста и ниските цени на бензинот, придонесоа за зголемување на сообраќајот во 2016 година“, вели главниот економист-истражувач.

Како пример за град кој паметно ја користи технологијата за да го подобри протокот на сообраќај, го посочуваат Лондон.

Лондон инвестираше речини 4,3 милијарди долари за да ги подобри патиштата, пишува на веб страницата на градот.

Како дел од таа иницијатива, главниот град на Англија постави сензори во 80 проценти на градските патишта за да ги намали доцнењата.

Истражувањето опфатило градови од 38 држави. Во него се вклучени фактори како урбанизација, градење, затворања на патишта, сообраќајни несреќи, спортски и забавни настани, временски услови и слично.