Лондон воведува парична казна за старите возила што загадуваат во центарот на градот

Сопствениците на постарите возила ќе мора да платат казна ако возат низ централното подрачје на Лондон, почнувајќи од 23 октомври, соопшти градоначалникот.

Мерката е дополнување на веќе постоечката, наречена „T-charge“ (Т-наплата), за што Садик Кан изјави: „Запрепастувачки е тоа што живееме во град каде воздухот е толку отровен што многу деца растат со проблеми на белите дробови. Ако не направиме драстични промени сега, ние нема да го заштитиме здравјето на нашите семејства во иднина“.

Токму поради тоа, Садик соопшти дека властите ќе продолжат со ваквата наплата, која на некој начин се спроведува веќе 14 години. Овој пат, тие ќе одат чекор понапред во борбата со штетните емисии.

Овие најави доаѓаат по последните предупредувања за нискиот квалитет на воздухот во Лондон. Отворена е и веб-страница на која граѓаните може да проверат дали нивните возила се опфатени со Т-наплатата.

Оваа мерка се очекува да опфати до 10 000 стари возила кои загадуваат, а ќе се однесува и на возачите кои поседуваат автомобили што не ги почитуваат Еуро 4 стандардите, обично возилата на дизел и нафта регистрирани пред 2006 година.

Казната ќе изнесува 21,50 фунти дневно, а ќе се однесува на временскиот период од 7 часот наутро, до 18 часот навечер, од понеделник до петок.

Со ова, Лондон се приклучува на растечкиот број на градови во светот кои преземаат акции против аерозагадувањето. Во Париз, на пример, има забрана за постари возила да сообраќајат помеѓу осум наутро и 20 часот навечер.

Се проценува дека загадувањето е причина за речиси 40 000 смртни случаи секоја година во Велика Британија.