Летни филмски кампови во Охрид

Во извидничкиот центар Охрид, населба Даљан, летово се организираат два летни филмски кампа. Камповите се наменети за деца на возраст од 8 до 18 години и нудат различни содржини од областа на филмот.

Организатори се Филмското училиште „Тинтири Минтири“ и продуцентската куќа „Аурипигмент“ од Скопје.

Првиот камп опфаќа снимање на филмска авантура на брод во периодот од 12 до 17 јуни 2017 и е наменет за деца од 9 до 18 години. Автор на сценариото и режисер на филмот е Кузман Кузмановски. Станува збор за двајца вооружени криминалци кои киднапираат брод во кој патува група деца.

Според режисерот, останува гледачите да откријат дали децата ќе успеат да се спасат и со кои пречки ќе се соочат за да успеат во спасувачката мисија.

„Голем творечки елан се раѓа во мене кога треба да се создаде сценарио за филм во кој главни носители на дејството се деца. Особено заради тоа што на минатиот камп го реализиравме филмот Потрага по загубеното богатство, првиот среднометражен филм за деца во РМ, кој наиде на одличен одзив кај публиката. Повторно се одлучив за авантура затоа што овој филмски жанр е секогаш актуелен и адекватен за најмлладата публика. Ова е обид од една страна да им отвориме шанса на децата во Македонија да бидат дел од нешто несекојдневно, интересно и возбудливо, а од друга страна директно да бидат вклучени во волшебниот свет на создавање на едно филмско дело“, вели авторот Кузмановски.

Филмот премиерно ќе биде прикажан во Кинотека на Македонија, ќе учествува на меѓународниот детски филмски фестивал „Тинтири Минтири Филм Фест 2018“, а својата промоција ќе ја продолжи со телевизиски прикажувања.

Услов за пријавување е децата да знаат да пливаат, а максимален број на дозволени учесници е 15.

На реализацијата на филмот ќе работи професионална филмска екипа која бележи повеќегодишно искуство на полето на работата со деца.

Вториот камп е наменет за деца од 8 до 18 години, а ќе се одржи во периодот од 7 до 13 август.

За време на кампот децата работат со ментори – сценарист, режисер, снимател и актери, а ќе обработуваат теми како: филмски синопсис и сценарио, развој на филмски дијалози, работа со актери и актерски филмски вежби, однос кон камера, филмски план и ракурс, кадрирање, практична работа (снимање на терен). Во текот на престојот децата ќе снимаат поединечни и групни актерски етиди, забавни содржини како игри без граници и друго. Сите снимени содржини ќе бидат премиерно прикажани на една од националните телевизии.

„За тимот на ‘Тинтири Минтири’ претставува посебна чест и задоволство да работи со талентирани деца. Секогаш одлучуваме да одиме во пресрет на интересот на децата кои сакаат ангажирано и креативно да го поминат своето слободно време – да ги научат основите за тоа како се создава едно филмско дело, да се испробаат како актери, сценаристи, сниматели, режисери“, вели Кузмановски.

За децата на камповите се грижи едуциран персонал 24/7 и има постојан надзор од спасители.

Инаку, филмското училиште „Тинтири Минтири“ веќе 15 години работи со деца од 6 до 18 години во сферата на неформалното филмско образование. Филмското училиште е поддржано од Агенција за филм на Република Македонија.

 

//