Легендарниот Ричи Хотин – Пластикмен доаѓа на Грин Бич фестивал

Пасворд продукција најавува најмоќно издание на Грин Бич фестивалот досега. Покрај веќе најавениот настап на електронската ѕвезда Свен Ват, на програмата се приклучува и Ричи Хотин-Пластикмен, еден од најголемите електронски музичари на сите времиња, кој ќе настапи на 28 јули.

Хотин е клучната личност на модерната електронска музика, истакнат иноватор и креатор на една од најзначајните техно етикети MINUS, но и култната PLUS 8. Тој е заслужен за популарицазијата на техно музиката, како и за развојот на денешните технолошки алатки кои ги користат водечките диџеј ѕвезди, а неодамна со компанијата „Ален & Хит“ (Allen & Heath) тој ја креираше новата миксета за која многумина тврдат деќа ќе предизвика нова револуција на диџеј сцената.

Британец по потекло, а израснат во Канада, Ричи Хотин важи за артист кој е секогаш во првите редови кога е во прашање инвентивната технологија во процесот на создавање музика. И тоа не случајно, бидејќи уште од детска возраст, неговиот татко кој е инженер за роботика, го охрабрува интересот на Хотин во музиката и технологијата. Денес тој е креативниот ум кој стои зад респектираните етикети Plus8 и MINUS Records, негувајќи плејада таленти од деведесеттите до денес. Тој е култниот Пластикмен (Plastikman), електронскиот музичар кој со своите изданија ја одржува андерграунд агендата на авангардната електронска музика, неговото алтер-его со кое ја сочува својата уникатност и со кој остана секогаш свој меѓу новата електро-денс генерација на имиња како Скрилекс, Дедмаус и тн., ѕвездите кои Хотин го сметаат за амбасадор на старата гарда и херој на иновациите.

Организаторите информираат дека влезниците за фестивалот ќе бидат достапни во продажба од утре (петок, 21-ви април) и тоа по првите цени од 650 денари за еднодневните билети и 1200 денари за дводневните (фестивалски) влезници. Станува збор за најповолната понуда на билетите со 40% попуст во однос на нивната финална цена, кои ќе се продаваат само во ограничен број преку продажната мрежа на МКтикетс.

//