Кумановските гимназијалци победија на регионалниот натпревар „Наноматеријали-материјали на иднината“

Кумановските ученици од гимназијата „Гоце Делчев“ Стефан Савовски и Никола Тасевски, го освоија првото место на денешниот регионален натпревар „Наноматеријали-материјали на иднината“, објави МИА.

гимназијата „Гоце Делчев“

Натпреварот беше организиран од Технолошко-металуршкиот факултет и Министерството за образование од областа на наноматеријалите и нивната примена. На натпреварот учествуваа ученици од средните училишта од Куманово, Кратово, Крива Паланка, Пробиштип.

Учествуваа деветнаесет тимови кои ги презентираа своите проекти кои беа работени на теми од областа на наноматеријалите и нивната примена. Второ место освои екипа од кумановската гимназија, а трето учениците од „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка.

„Средношколците се подготвени за овој нов предизивик, иако оваа област за нив е новина и не се изучува во редовните програми во образованието во средните училишта.Сепак, учениците навлегле во тајните на наноматеријалите, нивната примена во областите кои се мошне блиску до нив, како што се мобилната телефонија компјутерите, биотехнологијата. Македонија може да се гордее со овие средношколци,затоа што влегоа со сиот ентузијазам прифаќајќи го овој предизивик, вели Анита Грозданов, продекан за наука, од Технолошко-металуршкиот факултет.

Професорот по физика од кумановската гимназија, Штефица Ујчиќ смета дека ова е одличен начин за доближување на природните и техничките науки до гимназијалците.

Популаризирање на науката и техниката и поттикнување на натпреварувачкиот дух, иновативноста и креативноста кај средношколците е основната цел на овој натпревар. Најдобрите од натпреварот ќе учествуваат на државен натпревар кој ќе се оддржи кон крајот на март годинава.