Кумановски џез-фестивал во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово утревечер од 20 часот ќе се одржи џез-фестивал во организација на Институтот за наука, уметност, култура и спорт, со поддршка на Министерството за култура.

Кумановци по неколку години повторно ќе имаат можност да уживаат во џез-музиката. Пред кумановската публика ќе настапи составот МС-бенд, кој свири музика на светот, софт-џез и етно-џез, потоа составот „Филип Стевановски бенд“, кој има издадено пет албуми, и Владимир Четкар кој од меѓународните критичари е прогласен за едно од најветувачките имиња во жанрот на џез, фанк и соул музиката.

Организаторите најавија дека е планирано Куманово џез-фестивал 2017 да се одржи една вечер.

Билетите за фестивалот веќе се пуштени во продажба по симболична цена од 100 денари.