Ксенија Радовановиќ, „Не да(ви)мо Београд“: Од септември се враќаме на улица во одбрана на Савамала

Ноќта помеѓу 23 и 24 април, 30-тина маскирани лица со палки срушија голем дел од населбата Савамала во Белград, кој дотогаш беше дом на 200 семејства. Овој настан до денеска остана нерешен, никој не знае кој и под чија наредба го направи тоа. Градските власти пред две години најавија дека на тоа место треба да се изгради грандиозниот проект „Белград на вода“, за кој активистите сметаат дека претставува целосно прекршување на законите и Уставот.

Архитектката и активистка Ксенија Радовановиќ во интервју за Радио МОФ вели дека инситуциите и понатаму остануваат глуви на нивните барања, но е одлучна во тоа дека нивната борба ќе продолжи. Таа е една од говорниците на овогодинешното издание на „Engage@Akto“, каде денеска ќе зборува за граѓаните и нивната одбрана на градот.

Се случија пет масовни протести, им поделивте симболични откази на надлежните во белградската општина. Што се случува периодов со иницијативата? Имаат ли граѓаните сè уште сила и мотивација да протестираат?

По петтиот протест одлучивме дека веќе нема да правиме протести. Помалку луѓе доаѓаа, но тоа беше очекувано. Претставниците на градот мерат колку луѓе излегуваат за да ја измерат реакцијата, бидејќи ние баравме оставка од градоначалникот на Белград, претседателот на градското собрание, министерот за внатрешни работи и директорот на полицијата на ниво на Белград. Потоа имавме мали акции. Така на пример сакавме да му врачиме на градоначалникот отказ, бидејќи се одржуваше седница на градското собрание. Тоа ќе го направевме и порано, но откако се случи рушењето, тој не се појавуваше во јавност. Доаѓаше само на строго контролирани настани, па ова беше единствен момент кога знаевме дека тој ќе се појави. Решивме на сите настани каде што ќе се појавува да му ја врачуваме таа оставка, а од септември повторно ќе почнеме со протести. Подготвуваме и тужби за оние кои се вклучени во проектот „Белград на вода“, со кој мислиме дека е прекршен законот и дека го повредија јавниот интерес. Сега, исто така, следува да направиме поцврста структура во нашата организираност, откако сè повеќе луѓе сакаат да се вклучат.

Иницијативата беше еден вид одговор на одлуката да се реализира проектот „Белград на вода“. Граѓаните две години ја бранеа и ја одржуваа населбата Савамала во живот преку разни активности. Но, како всушност се роди ова движење и што беше она суштинското што ве поврза вас жителите?

Петте протести настанаа по рушењето. По изборите, додека се броеја гласовите, во текот на ноќта, дојде група од 30 луѓе со маски во главата и бејзбол палки. Ги застанаа сите луѓе кои се најдоа таму, го сопреа сообраќајот, им ги одзедоа мобилните телефони и ги држеа два часа да гледаат во земја. Чувар од една од околните работни канцеларии го врзаа и дојдоа со багери да го рушат просторот. Она што е пострашно од тоа што го направија овие е што луѓето кои биле затекнати таму повикале полиција, но таа не дошла. По десетина дена, Народниот правобранител направи извештај во кој ги вметна транскриптите од повиците на граѓаните кои повикале полиција, од што заклучи дека полицијата имала наредба од државниот врв да не се преземе ништо и од тоа, тој заклучи дека била организирана акција на државните органи и криминалците што го направија тоа. Сето тоа ги исплаши луѓето и предизвика реакција, така што 25 илјади луѓе излегоа на протест. Но, ние и две години претходно се занимаваме со тој проект. И минатата година имавме протести, реагиравме на секој чекор во развојот на проектот. Луѓето сфатија дека тоа што се случи ноќта не беше изненадување, бидејќи тие претходно ги прекршија сите закони и го прекршија целото уставно уредување.

Како архитект, како го оценувате „Белград на вода“? Вреди ли да се смета овој грандиозен проект за нешто од „национално значење“?

Јас сум од самиот почеток на иницијативата. Нашата прва активност кога се формиравме како иницијатива беше кога почнаа да го менуваат генералниот план на Белград за да може проектот да биде изведен. Веројатно е исто како и овде, со тоа што прво се доставуваат жалби, а потоа тие се бранат пред комисија. Ние направивме и работилница на која заедно ги подготвувавме жалбите со останатите граѓани и архитекти. Жалбите ги приложивме за време на седницата, која траеше шест часа и сите тие беа одбиени. Начинот на кој градските власти и Заводот за урбанизам разговараа тогаш беше целосно шокантен и дрзок и во тие шест часа покажаа дека воошто не сакаат да не слушнат. Некако, никогаш не стигнавме до тој дел јас како архитект да дадам проценка како јас го гледам тој проект. Но, се друго што го следи проектот е толку јасно дека се решени да го реализираат што не ни требаше анализа за да сфатиме дека нешто е погрешно. Не стигнавме до естетскиот дел, иако власта го користи тој сегмент како важна работа. На пример, кога ги иселија 200 семејства од подрачјето каде е предвидено да се реализира проектот, премиерот излезе во јавност и рече „Па, видете, тие живеат со стаорци и наркомани, а видете како ова ќе биде убаво“. Тие играат на таа карта, дали нешто е убаво или не, што е сосема бесмислено ако се има увид на позадината за тоа што се случува.

Тогаш, според тебе, што го прави еден споменик, или зграда, од национално и културно значење?

Ова сигурно не е. На пример, кај вас Триумфалната порта ја прогласија за културно наследство што е бесмислено. Постојат надлежни институции кои треба да анализираат и да покажат зошто еден споменик е значаен, но ним првично им се одзема моќта. Ние имавме еден случај кога со донација од „арапските пријатели“ требаше да се реконструира зграда која навистина беше културно наследство. Таа беше реконструирана во 2014 година за во неа да биде изложена макетата за „Белград на вода“. Медиумите тогаш соопштуваа како зградата е уредена, но не и за начинот на кој таа е уредена. Кога тој момент ќе се забележи, ќе се види дека воопшто немале дозвола да ја средуваат фасадата, користеа лош материјал, некои работи ги брзаа, а кога ја реконструираа внатрешноста, за да биде изложена макетата срушија неколку шалтер сали кои дополнително беа културно наследство. Но, институциите тоа го дозволија затоа што не реагираа, иако беа запознаени. Тоа е страшна работа, уште една во низата.

„Не да(ви)мо Београд“ е иницијатива во која членуваат луѓе од различни профили, професии и верувања, кои го делат истото чувство за одговорност кон својот град. Колку ова го отежнува носењето на одлуки и како се одвива координирањето за идните акции?

Засега ни оди добро, не има околу 20-30 луѓе, а некогаш и 15, во зависност од тоа што се случува. Сите сме на интернет, а како канали за комуникација ни се Фејсбук, или некои други платформи. Во секој случај тоа оди интензивно.

Револтот против трошењето на државни пари за грандиозни им е познат и на македонските граѓани. Токму пред неколку месеци во Скопје се одвиваше Шарената револуција, при која беа обоени споменици и згради од барокниот проект „Скопје 2014“. Дали можеби и во Белград сте размислувале за ваков, или сличен вид на протест?

Нашиот протест беше реакција на тоа што институциите не реагираа на нашите ткн. легални акции. Кога напишавме жалби и кога ги браневме, тие сите ги одбија. На следната закажана седница рековме дека нема да учествуваме во тоа и дојдовме со опрема за на плажа. Тоа се случуваше во градското собрание, ние пеевме, си дофрлавме со топка, правевме хаос, но членовите на комисијата продолжија да читаат и воошто не ни обраќаа внимание. Тоа беше смешно бидејќи мислевме дека кога ќе го направиме тоа, дека тие ќе престанат и дека ќе не исфрлат надвор. Ние воопшто не ни размислувавме на опцијата дека нема да реагираат на нас. По час и пол ме болеше грлото од викање и стана јасно дека како граѓанин ти ништо не им значиш бидејќи тие имаат цел да го освојат планот кој во целост не е законит, да се изгради нешто што воопшто не е од јавен интерес, како тоа некој да им го наредил и нас целосно не игнорираа. Истовремено, медиумите воопшто не пишуваа за нас, не ги покриваа тие теми, не само протестите, туку не истражуваа ниту за причините кои се поврзани со тој проект. Властите сакаа целосно да ги тргнат критичките медиуми, кои објективно ќе известуваат за она што се случува.

Како планирате во иднина да ја спречите власта во реализирање на овој проект? Дали сте спремни да направете нешто порадикално за одбрана на Белград?

Зависи што подразбирате под радикално, некој ни за жив ѕид не би рекол дека е радикално. На еден од протестите се обидовме да го канализираме гневот кај луѓето против полициската бруталност и насилното рушење со фрлање на тоалетна хартија пред општината, што можеби не е многу радикално, но беше многу ослободувачки и им се допадна на луѓето. Ние постојано се обидуваме да ги постигнеме нашите цели. Мене лично, најчудната работа ми беше кога учествувавме на Карневалот за бродови, кој се одржува во август во Белград и на кој може секој да го пријави својот брод. Ние го пријавивме нашиот брод на кој поставивме голема жолта патка и ставивме знак „Не да(ви)мо Белград“. Полицијата доаѓаше на секои пет минути, мислејќи дека не сме дел од карневалот, иако ние им ги покажувавме документите. Така не малтретираа се додека пред градоначалникот и пред публиката не опкружија со четири полициски чамци и ни го одзедоа натписот, ни напишаа пријави и направија голем скандал од нешто што беше сосема бесмислено. Тоа всушност не ни беше протест, јас уживав додека се возев на Сава два час. Но, тоа предизвика огромно внимание кај медиумите и социјалните мрежи, така што тоа не беше толку радикална акција, но ја постигнавме целта. Само треба да се избере местото и битката.

Емилија Петреска