Кривични пријави за ЕЛЕМ и раководители од РЕК Битола за загадување на животната средина

Секторот за внатрешни работи Битола поднесе кривични пријави против И.К. (63) од Гостивар, поранешен директор на подружница РЕК Битола, Ј.К. (67) директор на подружница РЕК Битола, О.З. (54) директор во РЕК Битола, З.М. (44), раководител во подружница РЕК Битола и против С.А. (63), раководител во подружница РЕК Битола. Сите раководители и директори се од Битола. Пријавите се поради сомнение за сторено кривично дело „соизвршителство“ во врска со „загадување на животната средина и природата“.

Кривична пријава е поднесена и против АД Електрани на Македонија – Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“.

„Имено, по претходна пријава до СВР Битола и до ОЈО Битола, во тесна координација и дадени насоки за постапување од Јавното обвинителство направени се низа проверки при што е констатирано дека пријавените физички лица, со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, пропуштиле да ги реконструираат постоечките или да постават нови филтри за прашина. Дозволиле преку работата на пријавеното правно лице да се пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен“, стои во соопштението на МВР.

Осомничените физички лица, се додава во соопштението, дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел и земја. „На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето“, стои во соопштението на МВР.

По ова, со свое соопштение се јави и ЕЛЕМ. Компанијата се става на располагање на сите државни институции, а во интерес, како што велат, спроведување на потребните процедури и утврдување на фактичката состојба.

„Во однос на делото за кое се однесуваат пријавите, потенцираме дека новото раководство на ЕЛЕМ презема мерки во насока на заштита на животната средина и сите активности се во насока на производство на електрична енергија со што помало влијание на околината. Во 2017 година новото раководство почна постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, која ќе спречи отпадната пепел да се шири во околината. За 2018 година предвидени се средства за набавка на електростатски филтри кои ќе спречат емисија на штетни материи во воздухот“, тврдат од компанијата.

Од ЕЛЕМ велат дека, „во врска со информацијата од СВР Битола, од наведените физички лица-функционери во РЕК Битола, во моментов само едно лице се води како актуелен раководител, односно станува збор за раководител кој е на таа позиција подолго време и не е дел од новите назначувања кои се случија во комбинатот минатиот месец“.