Кривична пријава за директорка на училиште за злоупотреба на службената положба

Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против Д.С. (37) поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Како што информира МВР, пријавената, како директор во општинското основно училиште „Светозар Марковиќ“ во село Старо Нагоричане, во текот на 2015 и 2016 година, по спроведена постапка по Јавен оглас за пополнување на работни места и избор на наставник во училиштето, дала изјава дека оштетениот наставник работи повеќе од две години и дека ги исполнува условите за трансформирање на работниот однос. Училишниот одбор, исто така, изгласал мислење со кое било одлучено за наставник да биде примен оштетениот кандидат.

„Пријавената не го испочитувала мислењето на Училишниот одбор и ја прекршила нејзината изјава и незаконски донела Решение со кое што го поништила спроведениот испит, потребен како услов по огласот. На кандидатка која не го положила испитот, по втор пат и овозможила да го полага и да го положи испитот. Потоа со Одлука го избрала токму тој кандидат како најуспешен. Неправилностите и незаконски овозможеното повторено тестирање биле констатирани и на Записник при извршен инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат на Република Македонија, кој со Решение ја поништил постапката за избор на наставник“, соопшти МВР.

На пријавената, се додава во соопштението, и било наредено да ги отстрани наведените недостатоци.

„На повторениот Јавен оглас во 2016 година, на кој повторно се пријавиле истите кандидати, пријавената наместо да постапи по наредбата на Државниот просветен инспекторат на и да ја отстрани незаконитоста, повторно не ја извршила својата службена должност. Таа повторно донела Одлука со која го избрала претходно избраниот кандидат и со истата склучила Договор за вработување на определено време до 31.08.2016 година. Со тоа на оштетениот кандидат и нанела материјална штета за повеќекратен износ од 19.500 денари како месечна основна нето плата за наведеното работно место, зголемен за точно неутврден износ по основ на придонеси за минат труд и задолжитено осигурување“, се потенцира во соопштението од МВР.