Критична маса денеска во Скопје и Прилеп, утре во Битола

Критична маса вечерва ќе се одржи во Скопје и Прилеп, а утре во Битола, кога стотици велосипедисти со заедничко возење ќе побараат од градските власти решавање на урбаните проблеми.

Критичната маса #49 во Скопје се вози под мотото „Среќен 4ти роденден Скопје НаТочак! Да ги извадиме помошните тркала!“ и тргнува во 17.30 часот од Плоштадот Македонија.

Прилепските велосипедисти пак на улица ќе изледат по 24 пат и ќе го прослават вториот роденден тргнувајќи во 19 часот од пред џез клубот „ТејкФајв“.

Критичната маса #26 пак во Битола утре се вози со пораката „Извади го точакот од визба!“. Започнува во 18 часот од пред кафе барот „Јагода“.

„ Во Битола темата за поттикнување на вело културата преку креирање на вело инфраструктура не е ниту во плановите на носителите на одлуки, а камоли да е наша реалност. Но, иако немаме ни основни услови, сепак ние сме одллично расположени и ТОП мотивитани. Ќе возиме заедно со сообраќајниот метеж, притоа нема да загадуваме и ќе се забавуваме. Возењето точак секојдневно е славење на животот, славење на чистиот воздух, на слободното движење, на погонот на сопственото тело и на љубовта кон сокаците и улиците на нашиот ни град. Многу од нас имаат по некој кутар точак кој заклучен и можеби зарѓан во визба чека да биде ослободен. Битола има улици кои чекаат да бидат преплавени со точаци и радост! А ние имаме желба да создаваме таков град! Местото на точакот се улиците! Ослободете го“, велат битолчани.