Критична маса #66: Нови градоначалници, стари проблеми

Претстојната среда (25 октомври) во Скопје ќе се одржи 66-та Критична маса, овој пат под името „Нови градоначалници. Стари проблеми. Тука сме“. Велосипедската рута почнува во 17:30 часот на плоштадот „Македонија“, велосипедистите потоа возат низ Аеродром, а завршуваат пред МКЦ, каде продолжуваат на „Ехо фестивал“.

Од иницијативата НаТочак велат дека имало мали подобрувања низ годините додека велосипедистите здружно се броеле, на тоа се радувале, но, сепак, големите проблеми се се’ уште тука.

„Нелегално паркирање, град заробеник на автомобилите, жртви во сообраќај, жртви од загадување; седечки начин на живот, недостиг од активен транспорт, недостиг од специјалeн простор за јавен превоз, велосипеди и пешаци; недовршени велосипедски патеки; метеж, бучава, хаос, непристапност, неквалитетна средина за живеење. Затоа – тука сме! Да покажеме дека луѓето може да се движат и поинаку, а не цело време и не само со кола. Тука сме“, велат од НаТочак.

Од таму потенцираат дека се тука да побараат мултимодално, а не автоцентрично планирање. Исто така, да побараат поодговорно планирање, планирање за заштита на човечки животи и пријатно живеење, наместо планирање за големи брзини.

„Да ги поддржуваме добрите политики и да ги критикуваме лошите. Тука сме.  Да пријавуваме проблеми и да се радуваме на малите победи. Тука сме. За безбедни улици, тука сме. За велосипедска мрежа низ цел град, тука сме. За град кој се движи на незагадувачки и активен, здрав начин, тука сме.  Во среда на плоштад Македонија од 17:30. Таму сме. Борбата за Скопје вело-град продолжува, придружете ни се како учесници на Критична маса и како активни граѓани за поубаво Скопје. Тука да сме!“, стои во повикот за новата Критична маса.