Критична маса #65: Бираме градоначалници со вело-визии

Во пресрет на локалните избори, НаТочак ќе ги провери сите програми на кандидатите за градоначалници и советници на Град Скопје и ќе ги испита во однос на повеќе параметри за велосипедизмот. Оттука, и новата Критична маса број 65 во среда ќе биде со наслов „Бираме градоначалници со вело-визии“. Стартот на Критична маса е во 17:30 часот од плоштадот „Македонија“.

„Какви проекти се приоритет за буџетот? Каде се наоѓа заштитата на животната средина, квалитетот на живот, здравјето во приоритетите?  Дали автомобилите или луѓето им се на прво место? Како ја третираат безбедноста во сообраќајот? Дали го сфаќаат влијанието на инфраструктурата врз убивањето луѓе по улиците? Што ќе преземат во врска со тоа? Како планираат да го решат метежот во сообраќајот? Дали преовладуваат автоцентрични или мултимодални решенија? Како го третираат загадувањето кое потекнува од сообраќајот? Што ќе преземат во врска со тоа?“, се дел од прашањата на велосипедистите за кандидатите за градоначалници.

Исто така, НаТочак прашува дали има конкретни предлози за проширување на велосипедската мрежа и како ќе ги решаваат инфраструктурните проблеми.
„Како ќе ги вклучат граѓаните? Како ги третираат велосипедските паркинзи? Дали ќе се воведат нови правила и стандарди? Дали се планира современ автоматизиран систем за изнајмување велосипеди? Дали се планираат активности како Денови без автомобили и со колкава честота?Дали се планираат други промотивни мерки за користење на велосипедот како превозно средство?“, соопштува НаТочак.

После анализата на програмите на кандидатите, иницијативата ќе ги изложи резултатите, слично како за парламентарните избори, а со цел, како што велат, јавноста сама да процени кои програми и кандидати се точакољупски и колку.

Од иницијативата потенцираат дека велосипедот, заедно со пешачењето и унапредениот јавен транспорт, мора да го добие заслуженото место. Велосипедот е симбол на независно движење од најмали нозе, а би бил прв избор на децата за одење до школо, доколку безбедноста е на ниво.

„Точак е најефикасното превозно средство на кратки урбани дистанци до 5-6 километри (ако инфраструктурата е перфектна, и повеќе). Зафаќа малку простор и една велосипедска патека со ширина на втомобилска лента, вдомува многу повеќе граѓани на точак отколку во кола…Точак е дел од решението против гужвите. Точак е симбол на грижа за природата, на борбата против климатските промени. Се смета дека ако само 14% од урбаните патувања на глобално ниво се прават со точак, ќе се постигнат целите на Парискиот договор. Точак е грижа за здравјето на сопственото срце и ум, неосетно, попатно, додека патуваш до работа ги исполнуваш препорачаните од доктор 30 минути умерена физичка активност на ден“, велат од НаТочак.

Сакаат кандидати за градоначалници и советници кои можат да го согледаат огромниот потенцијал за трансформација на градот кој го има велосипедот. Односно, велат д иницијативата, кандидати кои не гледаат низ призмата на моменталните навики и состојби во градот, туку гледаат низ призмата на подобро здравје, подобар квалитет на живот во градот, поголема одговорност кон планетата, кои имаат визија за тоа како треба да биде, а не како „мора“ заради моменталните автоцентрични навики.

„Кандидати нема да го одржуваат статус-квото поддржувајќи ги моменталните навики, туку ќе го трансформираат градот!  Се гледаме во среда, на 27.септември на 65-тата Критична маса. Возиме за вело-визии за Скопје“, соопштува иницијативата.