Критична маса #48: Велосипедистите повторно нè изненадија!

Под мотото „Велосипедистите повторно нè изненадија!“, утре (27 април) ќе се вози 48 Критична маса во Скопје. Почнува во 17:30 часот, на Плоштад Македонија, а возењето велосипеди ќе заврши во Градскиот парк.

„Точак не е сезонско превозно средство. Се врти преку цела година. Сепак пролет е време за будење на се, па и на оние кои гаражираат точак на ладно.  Здружени заедно зимурливите точакољупци и оние несезонските, во пролетните месеци, никнуваат од секаде. Како предвесници на нова точакољупска година го преплавуваат градот.

Како се зголемува бројот на велосипедисти, така се зголемува и бројот на луѓе и институции кои се изненадени од оваа појава. Точак во пролет?! Од каде пак сега тоа?! Оттука возачите на моторни возила се лутат бидејќи им “одземаме” дел од патот. Од друга страна, институциите не се трудат да обезбедат функционални патеки, без паркирани возила, контејнери, бандери или сообраќајни знаци.

Обврска на велосипедистите е да возат од десната страна на коловозот кога нема патека, а должноста на возачите е да се грижат за безбедноста на незаштитените учесници во сообраќајот. Да бидеме свесни за постоењето и на друг вид сообраќај освен моторниот.  Да се изненадиш од точак во сообраќај е еднакво како да те изненади снег во декември. Разбудете се и погледнете наоколу, бројот на велосипедисти во Скопје расте и ќе расте!

До кај ми прдне НаТочак низ Скопје. Е толку е едноставно ова превозно средство. Искористете ја неговата беспрекорна агилност, особено во услови кога моторниот сообраќај е закочен од било какви причини, сведоци сме за такви услови деновиве. Пример, Точак е најдобар начин да се стигне до протест или да се одмине протестот.

Актуелниве општествени дисторзии, на прв поглед, не оставаат простор за други неприоритетни борби. Но, секој си има своја борба, секоја е приоритетна, му се допаѓало тоа на општеството или не“, стои во поканата за настанот.