Критична маса #41: Стоп за убиствата во сообраќајот!

Под мотото „Стоп за убиствата во сообраќајот!“ во среда (30 септември) ќе се одржи 41-та Критична маса во Скопје. Зборно место е фонтаната во Градскиот парк во 17:30 часот.

 

„Со проекти фокусирани на коли и само на коли (бесконечно проширување на сообраќајниците, нови ленти за автомобилите, зелени бранови, паркиралишта), Скопје прерасна во место погодно единствено за автомобили, за превозот кој највеќе загадува, за превозот кој зафаќа највеќе простор, кој крева најголема врева, а воедно и е најопасен по околината. Сите оние кои патуваат на друг начин: било пешки, со велосипед, да не зборуваме за луѓето со инвалидска количка, станаа непожелни во овој град. На сите нив (а тоа ги вклучува и возачите на коли во моментите кога пешачат) сѐ повеќе им се намалува просторот за движење и нормално функционирање, постојано и смислено се туркани на маргините, без никаков животен простор и оставени на немилост на посилните.

Ова континуирано силеџиство на улиците деновиве го доживеа својот максимум. Само што сме исплакале 13-годишно дете на велосипед, прегазено на пешачки премин, веќе наредниот ден палиме свеќи за уште еден наш сограѓанин прегазен на пешачки остров. Одиме на посета во болница кај велосипедист повреден од автомобил, а на излегување болницата се полни со нови повредени во слични сообраќајни судири (вистинска приказна).

Иако не сакаме да мислиме дека нашиот град е ловиште за дивеч, токму така се чувствуваме овие денови: како некои животни од загрозен вид кои се ловени по улиците. Време е сезоната на лов на пешаци и велосипедисти да заврши! Време е да се зауздаат здивените возачи-ловци кои веќе подолго време дивеат по улиците. Ние не сме дивеч за отстрел! Ние сме си соседи, пријатели, роднини… Ние сме сограѓани.

На сите ни фали едукација, на сите ни фали свест, истите сме и кога сме пешки, и кога сме на точак и кога сме во кола. Но кога ќе погледнеме колку небалансирано е распореден просторот на различните начини на превоз во Скопје и од друга страна фактот дека кога сме во кола сме најопасни поради можноста да повредиме други, ќе сфатиме дека одговорноста на сите учесници во сообраќајот не смее да се изедначи и дека начинот на планирање на скопските улици не ги заштитува најслабите.

Сите овие трагедии немаше да се случат, или барем ќе беа во многу помал број, доколку брзото возење на автомобили не доби, свесно или несвесно, поддршка од политиките на надлежните градски и државни власти. Како? Сѐ што изминативе години се правеше на инфраструктурен план во овој град беше во полза на моторните возила и нивното брзо поминување. Кога се прошируваа улиците и булеварите се мислеше само на моторен сообраќај. Кога се програмираа семафорите и сигнализацијата, беше важно колите најбргу да стигнат до својата цел. Кога, во ретките случаи, се градеа тротоари и вело-патеки, тоа се правеше со субстандардни димензии или па се претвораа во паркинг-места за коли. И како тоа да не беше доволно – целиот град се претвори во едно огромно паркиралиште. Но тука не завршува оваа тажна приказна: откако се заврши со улиците и тротоарите, сега се насочуваме и кон кејот како една од ретките зони со привилегија за пешачењето и возењето точак. Зарем не е доста?“, прашуваат од Критична маса.