Критична маса #35: Скопје, што е со патеките?

„Скопје, што е со патеките?“ е мотото под кое утре (среда, 25 март) ќе се вози 35. Критична маса.

„Возиме точак зашто сакаме Скопје да стане град поквалитетен за живот, не зашто уживаме во сиот тој слалом и непријатните ситуации со возачите на автомобили и пешаците, искрено повеќе би ни годела добра велосипедска инфраструктура. Велосипедска мрежа која ќе го поврзе целиот град. Во Скопје има некаква мала мрежа на велосипедски патеки, но таа не е доволна. Во Скопје се реконструираат дел од патеките, но тоа се врши бавно и со повторување на проблемите. Повторно неслеани рабници место рампи, повторно нерамна брановидна подлога, повторно патеки кои минуваат низ автобуски постојки!“, посочуваат од Критична маса.

Со Критична маса #35 која ќе биде прва во т.н. „пролетна сезона“ скопјаби ќе се обидат да го скренат вниманието на Градот кон потенцијалниот проблем – премногу точаци, а необезбедени услови и ќе порачаат што поскоро да бидат оспособени велосипедските патеки. Зборното место е паркингот спроти Холидеј Ин, во 17:30 часот, а ќе се вози по следната РУТА.

„Не бараме многу, само она што ни припаѓа во сообраќајот: проодни велосипедски патеки. Бараме поскоро и поквалитетно реконструирање на постоечката велосипедска мрежа, па да почне да се проширува и со нови патеки! Бараме донесување на Правилникот и проектирање и изведба на велосипедските патеки по стандарди. Луѓето кои веќе возат точак и оние кои чекаат пристојни услови за да почнат да возат, Градот не може да ги пресретне.

Скопје, сети се на твоите точкари кои не ти наштетуваат со издувни гасови, кои го сакаат секое твое делче, сети се дека има уште многу повеќе кои едвај чекаат нормални велосипедски патеки за да ги јавнат точаците. Граѓаните сакаат промена. Ти си на потег. Скопје, што е со патеките?“, се вели по повикот за Критична маса #35.