Критична маса #33: Не, не ми студи!

„Не, не ми студи!“ е насловена 33. Критична маса во Скопје која ќе одржи на 28. јануари со почеток од 17:30 часот. Зборното место е Плоштад Македонија, а ќе се вози по следната РУТА.

„Скопје знае да биде неподносливо жешко, но не и неподносливо ладно. Врз нашето субјективно чувство повеќе влијаат драматичните најави за поларна зима и претставата за јануари, а не дека е надвор навистина толку студено. Не е!

Точак се вози и на многу пониски температури, на -10, на -20! Во северните земји како што се Холандија, Данска, Германија, Финска, сосем е вообичаено секојдневните обврски да се завршуваат на точак, без оглед на времето, без разлика дали врне снег, или дува ветер и е студено – таму точакот се користи во текот на целата година. Нормално е да се вози на тие температури, а особено не студи на температури околу нулата.

Греењето почнува да работи веднаш штом ќе се качите на точак! Ако не сте пробале да возите точак во зима, пробајте барем еден ден, направете промена во своето секојдневие и наместо со кола, автобус или пеш, појдете со точак по работа, и уживајте во возењето.

Преминот од ладното надвор во топло внатре е прекрасно доживување што ја забрзува циркулацијата и, заедно со целокупното искуство, го подобрува и имунитетот.

Не, не настинувам оти возам точак и во зима! Напротив, станав поздрав. Не, не сум поизложен на штетните гасови! Возам бавно и по потреба носам заштитна маска. Воздухот е ист и во кола, а јас барем не придонесувам кон загадувањето.

И не, не ми е ладно!

Зошто да дозволите студот да ве спречи да се превезувате на точак низ Скопје? Исто како што се облекуваме потопло во зима, така и за на точак ќе се облечеме потопло. Облека која те топли и те штити од ветер, само тоа е потребно.

Напред Скопјани, нека не ве симнува зимата од точакот!“, порачуваат од Критична маса.