КРИК фестивал завршува во сабота со предавањето на познатата Рената Салецл

Со гостувањето на познатата Рената Салецл, која во Даут Пашин амам, ќе одржи предавање на тема „Политиката на избор како политика на насилство“, завршува годинашното прво издание на КРИК – Фестивал за критичка култура.

Предавањето на  Салецл е дел тематскиот фокус „Архиви на насилство“, во организација на Контрапункт и ќе се одржи на 3 декември (сабота) со почеток од 18 часот. По предавањето, во 19 часот, ќе се одржи разговор со Рената Салецл, кој ќе го води Катерина Колозова. 

„Во последната деценија, имаше многу дебати во психоаналитичките кругови околу тоа како социјалните промени, кои ги доживуваме во постиндустрискиот капитализам, се одразуваат кај индивидуите. Идеологијата на постиндустрискиот капитализам во голема мера се потпираше на идејата на избор, слобода, самоопределување и бескраен прогрес. На другата страна на оваа идеологија се наоѓа зголемената анксиозност и чувство на неадекватност на индивидуата, како и вина поради неснаоѓањето во денешниот свет. До неодамна, идеологијата на избор, всушност, многу добро функционираше во насока на превенција на какви било прашања околу можната општествена промена. Поединецот попрво ќе се ангажираше во контикуирана себе промена, често до точка на автодеструкција“, се вели во поканата за настанот.

Рената Салецл е една од најзанчајните мислители во регионот и меѓународно. Филозоф, социолог и правен теоретичар од Словенија, која успева да создаде провокативно проникнување помеѓу критичката теорија, политичката филозофија, поструктуралистичката психоанализа, правото, политиките на телото и на масите. Таа е истражувач на Институтот за криминологија, на правниот факултет на Универзитетот во Љубљана и е професор на Birkbeck College, University of London. Таа исто така била визитинг професор на London School of Economics. Секоја година предава на тема психоанализата и правото, на Benjamin N. Cardozo School of Law во Њу Јорк, а предава и на курсеви за неврологија и право. Од 2012, таа е визитинг професор на одделот за општествени науки на Health and Medicine at King’s College London. Нејзините книги досега се преведени на тринаесет јазици.

КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст.