„Креативна контрола“ и „Вита актива, духот на Хана Арент“ го затворија 19-то издание на Скопје филм фестивал

Со проекцииите на филмовите „Креативна контрола“ во кино Милениум и „Вита актива, духот на Хана Арент“ и дискусија на тема „Како се банализира злото“ во кино Фросина, синоќа заврши 19-то издание на Скопје филм фестивал, кое организаторите го оценуваат како мошне успешно.

Годинава на Скопје филм фестивал беа прикажани 77 филмови од најновата продукција на светската, европската и македонската кинематографија, поделени во осум различни програми, избрани од селекторите Татјана Јаневска, за програмата Авторски филм, познатиот филмски критичар Владан Петковиќ од Србија за програмата Кратки филмови и гостинот од Франција, Навид Сарем, кој ја направи селекцијата за програмите Фокус на францускиот филм и Панорама на светскиот филм.

Покрај овие прогарами публикаа ги проследи и проекциите во селекциите: Гала програма, Македонска продукција, Фокус на тајвански филм и Ретроспектива на филмовите на Педро Алмодовар.

Во текот на Фестивалот се случи и скопската премиера на новиот македонски игран филм „Лазар“, на режисерот Светозар Ристовски, а актерот Ведран Живолиќ од Хрватска беше гостин на фестивалот заедно со директорот на фотографија Дејан Димевски и монтажерот Атанас Георгиев, како дел од екипата на филмот.

Премерно беше прикажан и македонскиот филм „Борба за смрт“ на режисерката Елеонора Венинова, како и уште девет кратки филмови од најановата продукција на македонски кратки филмови, во рамки на програмата Македонска продукција.

Специјални гости на Скопје филм фестивал беа Навид Сарем од Франција, истаканат професионалец во европската филмска индустрија, хрватскте актери Ведран Живолиќ и Горан Навојец, бугарската актерка Красимира Кузманова, шведскиот режисер Карл Абрахамсон, актерката Лин Спаренборг од Шведска, Љупчо Темелковски, македонски режисер кој живее и работи во Германија. А посветеноста на Скопје филм фестивал на промоцијата на современата француска кинематографија ја поздрави и амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер.

Во рамки на програмата на Скопје филм фестивал се одржа првиот Инфо ден на програмата МЕДИА, која има цел да се информираат и да им се даде поддршка на македонските филмски професионалци и другите заинтересирани во изготвувањето на апликации за потпрограмата МЕДИА Креативна Европа, а по повод отворањето на Канцеларијата во Агенцијата за филм на РМ, која ја води Владимир Стојчевски, беше одржана презентација на програмата МЕДИА за можностите за македонските продуценти да се вклучат во оваа програма.

Во рамки на фестивалот Мастер клас/работилницата за експериментален филм одржа шведскиот режисер Карл Абрахамсон. Работилница за филмска музика, пак, одржа македонскиот композитор Игор Василев од Новоградска.

Во соработка со Дебатно кино „Контра кадар“ се одржа дебата и проекција на филмот документарниот филм „Вита актива, духот на Хана Арент“ (2015). На дебатата на тема „Како се банализира злото“, во кино „Фросина“, гостинка беше проф. Мирјана Најчевска, а дискусијата ја водеше Слаѓан Пенев.