Креативен викенд „Лазарополе“ и инсталацијата „Страв од музика“ на Тони Димитров во Париз

Проектот Креативен викенд Лазарополе, кој веќе 3 години наназад се случува во ова планинско село во западна Македонија, на 15 октомври оваа година ќе биде претставен на публиката во Париз во културно социјалниот центар La Generale.

kreativen vikend - lazaropole

Проектот ќе го претстават координаторите Јован Ламбески и Тони Димитров, најпрвин преку презентација и фотографии од изминатите изданија на Креативен викенд, а потоа и со кратко видео кое е направено за време на еден од креативните викенди. Покрај презентацијата ќе бидат претставени и дел од уметниците кои досега учествувале во проектот и тоа со делата добиени како резултат од креативните викенди.

kreativen vikend - foto

Проектот Креативен викенд се состои од работилници на кои се работи на различни креативни аспекти и уметнички перспективи, каде авторите имаат можност да се соберат на едно прекрасно место и заедно да работат, да се инспирираат, создаваат, пишуваат, цртаат, да ја претстават својата работа, да соработуваат, да се дружат и да уживаат во природата. Работилниците се наменети за млади креативци кои се заинтересирани за уметноста и крeативните индустрии, кои ќе работат заедно, врз основа на што би се создала база за нивна понатамошна соработка на ниво на локална сцена во соодветната уметничка област, што е еден чекор кон креирање на своевидна уметничка заедница која ќе ги има сите параметри на една здрава сцена која меѓусебно ќе комуницира и соработува во иднина.

kreativen vikend - zvuk

Покрај претставувањето на Креативен викенд, во Париз ќе биде претставена и концептуалната звучна инсталација „Страв од музика“ на Тони Димитров, чиј дел е снимен во Лазарополе. Делото поставува едно клучно прашање во современата уметност и ја опсервира релацијата помеѓу уметноста (или она што го нарекуваме fine art) и/или звукот (звучната уметност). Современата уметност е масовен феномен, меѓутоа, додека пошироката јавност нема проблеми со прифаќањето на авангардната и експерименталната уметност, сепак постои масовен отпор кон авангардната и експерименталната музичка, иако и двете се појавени во исто време и под слични околности – и покрај фактот што музичарите и уметниците прават постојани обиди да се воспостави синестезија помеѓу двата медиуми. Овој отпор од експерименталната музика може да биде опсервиран преку паралелните истории на современата уметност и модерна музика или проучуван преку факторите зошто едната е прифатена и разбрана, додека другата игнорирана, третирана со збунетост или потсмев. David Stubbs тој процес го нарекува страв од музика.

Оваа ќе биде изложена и во Холандија на 15 ноември во рамките на PNEM Sound Art Festival. Покрај овој проект, на настанот ќе биде претставен и аудио документарецот „Лазарополе“ во режија на Димитров.