Кражби на велосипеди – многу се краде, малку се открива

„Точакот ми го украдоа од заклучена гаража под зграда. Заклучен внатре со ланец, а ланецот беше исечен“, раскажува Драган Илкоски од Скопје чиј случај е само еден од 769 кражби на велосипеди кои извршени минатата година во главниот град.

Како што информираат од МВР, полицијата разрешила само 96 кражби на велосипеди на ниво на државата, од вкупно 878. Најголемиот дел, односно 87,5 проценти од случаите биле извршени во Скопје – 769, од кои се откриени 62.

Иако од МВР велат дека спроведуваат низа превентивни активности со цел да се намалат кражбите, граѓаните не се задоволни и бараат поголем интерес од надлежните.

„Од полицијата не очекував ништо, се се сведува на бирократско пријавување, составување на записник, издавање на потврда. Поголем интерес за решавање на случајот не покажаа освен завршување на нивната обврска за евидентирање. Најголемата замерка кон полицијата ја имам во делот на сузбивањето на пазарот на украдените велосипеди“, вели Илкоски.

Неговата приказна тој ја сподели и во Фејсбук групата „Украдени точаци“, која според Јане Стефанов, еден од нејзините основачи, има за цел да создаде панел на кој ќе се закачуваат фотографии од украдени велосипеди. Притоа, на сите што им бил украден велосипед ќе можат доброволно да учествуваат во барањето.

„Директна причина за формирање на оваа група е една необична случка. Беше пронајден еден украден велосипед кога случајно го забележал продавачот на велосипедот и тоа две години по кражбата. Идејата беше едноставна, да го искористиме Facebook за да направиме панел на кој ќе се закачуваат фотографии од украени велосипеди. Сите што им бил украден велосипед, а за жал такви има многу, доброволно учествуваат барањето на овие точаци. Се што треба да се направи е да се рашири фотографијата со Like и да се обрне внимание во регионите каде е украден велосипедот“, вели Стефанов.

Групата која постои веќе три години и има 3720 членови од цела Македонија, според Стефанов, доби едукативна компонента. Освен дебатите за тоа како е најдобро да се врзе велосипед кои ланци или сајли се добри и од каде да се купат, има и анализи за поединечни случаи за тоа како е украдено и со кои техники.

„Групата здружува граѓани кои се загрижени поради постоењето на овој проблем. Низ дискусии се генерираа неколку добри идеи кои можат да помогнат при решавањето на овој проблем. Не е само полицијата виновна што велосипедите се крадат. Ова е посложен проблем каде полицијата е само една компонента“, вели Стефанов.

Според него, недостаток  е и  непостоењето на регистар на велосипеди. Тој ја нагласи потребата од ваков регистар, но како што вели, тоа никако не смее да го прави полицијата бидејќи би морале да обезбедат додатен буџет и за регистрација.

„Таков регистар се уште не е направен бидејќи не успеа да профункционира на волонтерска основа. Оваа идеја е едноставна. Се прави интернет локација со база на сите сериски броеви која служи за проверка при купопродажбата на половни велосипеди“, објаснува Стефанов.

Тој смета дека е потребно да се направи кампања и да се побара од граѓаните да не ги одминуваат овие злодела. Според него, треба да се работи и на свеста на луѓето за да реагираат при очигледна кражба, како и да не купуваат крадени велосипеди.

Емилија Петреска