Корален гребен се појави пред Парламентот во Австралија како протест против климатските промени

Активисти на Гринпис во текот на изминатата ноќ поставиле светлечка имитација на Големиот корален гребен, со цел да ги предупредат политичарите за реалноста која ќе ни ја донесат климатските промени.

Протестот одржан пред Парламентарниот дом се состоел од поставување реплики на неонско-бели корали, со што е претставено избелувањето на Големиот корален гребен, единствениот таков гребен на светот кој има статус на Светско наследство на УНЕСКО.

„Речиси четвртина од коралите изумреа оваа година“, вели активистот на Гринпис Австралија, Никола Касул. „Австралија не може истовремено да има и здрав Голем корален гребен и индустрија на јаглен“.

Гринпис спроведе истражување во мај 2015 година, во кое се тврди дека 85 посто од Австралијците сметаат дека владата става приоритет на индустријата на јаглен пред екологијата и околината на Австралија. Поради тоа го смислиле и слоганот „Избери го гребенот, не јагленот“.

„Се надеваме дека со носење на Големиот корален гребен во Канбера, политичарите ќе можат со свои очи да видат дека е во ризик поради нивната безусловна поддршка на индустријата на јаглен“, вели Касул.

Индустријата на јаглен во Австралија произведува повеќе од една милијарди тони емисии на јаглероден диоксид секоја година. тоа придонесува за пораст на температурите на океаните, поради што изумираат и коралите.