Контра Кадар СК: проекција на „If“ и дискусија на тема „Авторитет и образование“

Овој понеделник, во просториите на Социјалниот центар „Дуња“ ќе се одржи 39-тата проекција и дискусија во склоп на Контра кадар Скопје.

Тема овој пат е авторитетот и образованието. Првично ќе се прикаже британскиот образовен систем во филмот „If“ на Линдзи Андерсон, а потоа низ дискусија со доц.д-р Мира Беќар од Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески’’, ќе се спомене и ситуацијата во македонското образование.

Како што велат од Контра кадар СК, филмот инспирира луѓето да размислат што е она што е препознаено како авторитет во образовниот процес. Поточно, како потребата да се нагласи важноста на авторитетите и дисциплината стануваат своевидна опресија. Па таа опресија ја пренасочува креативната енергија на младите луѓе и води кон насилство.

Дали потребата да се биде автономен при креирањето на сопственото образование е спротивна на идеологијата на институциите (сите да сме во еден калап? Што учиме од сатирата и алегоријата во едно строго, елитистичко училиште за општествени и политичките фактори? За што би се опредилиле: за борба за автомонмост при стекнување образование, која ќе води до револт, па макар и со несреќен крај или за адаптирање на и задоволување со зоната на комфорот на сметка на унифицирање со мнозинството? Ова се само дел од прашањата на кои ќе се дискутира по проекцијата.

Проекцијата е закажана за 19 часот. Влезот е слободен.