Конкурс за најдобра планинска фотографија

Фестивалот на планински филмови „ЕХО“ објави конкурс за „Најдобра планинска фотографија“, кој е отворен за пријавување до 20 октомври. Целта е да ги поттикне, инспирира, охрабри луѓето да да ја споделат нивната приказна од најубавите и најинспиративни моменти кои ги имале во планината, во природата, претставени со фотографии на најразлични теми.

Конкурсот е отворен само за жители на Република Македонија и еден автор може да конкурира со најмногу три фотографии, а својата апликација треба да ја достави преку официјалниот е-маил на Ехо: contact@ehofilmfest.mk

Покрај фотографијата, треба да биде запишано името и презимето на авторот, наслов на фотографијата, а по желба на авторот – и краток опис за фотографијата/фотографиите со кои аплицира, но и линк до негово портфолио, веб-сајт и/или друг социјален медиум кои би послужиле за подобро запознавање на публиката на ЕХО со неговата фотографија.

За фотографиите се препорачува форматот да е JPEG/150dpi, со големина на фајлот не поголема од 20Мb. Фотографиите не смеат да содржат никакви жигови и логоа (од победниците може да биде побарано да обезбедат и подобар формат за потребите на планираната изложба на Фестивалот).

Сите пристигнати фотографии, ќе бидат објавувани во заеднички албум на Фејсбук профилот на Фестивалот и ќе биде овозможено секој да гласа за нив. 15-те фотографии кои до 24 часот на 20 октомври ќе имаат најмногу гласови („лајкови“) ќе бидат испечатени и изложени за време на деновите на Фестивалот во фоајето на МКЦ (Кино Фросина). Организаторите на Фестивалот од тие 15 фотографии ќе одберат три победнички, чии автори ќе бидат наградени со опрема за планинарење од Outdoor.mk и публикации на Фестивалот (книгата за полскиот алпинист Ј. Кукучка, а ќе има и изненадување.

Ќе бидат земени предвид само фотографии кои претходно не учествувале на други конкурси и кои не биле изложувани и за кои авторот ги поседува сите права. Авторот пак, со својата апликација, му дава право на Фестивалот за планински филмови „ЕХО“, бесплатно да располага со неговите фотографии и да ги користи за објавување на Фејсбук профилот, сајтот на Фестивалот и други социјални медиуму, за објавување во книги и списанија во издание на Фестивалот, огласи за нови конкурси и разни други свои маркетинг и комерцијални цели.