Конференција за интегрирано образование за надминување на етничките поделби во училиштата

Со цел да се зајакнат знаењата на наставниот кадар во интегрираното образование преку користење долгогодишни странски искуства и знаења, во Скопје се одржува втората меѓународна конференција „Интегрирано образование – тренд, тенденција и потреба“.

Конференција за интегрирано образование за надминување на етничките поделби во училиштатаСпоред заменик министерот за образование и наука Сафет Незири, се прават големи напори преку образовниот процес учениците од различните етнички заедници да научат повеќе едни за други.

„Преку проекти како денешниов се обидуваме да ги зближиме нашите млади од основното и средното образование за да се запознаат едни со други, да ги препознаат нивните квалитети, вредности и карактеристики и да не се чувствуваат туѓи едни спрема други. Оваа конференција придонесува за задобивање со информации и искуства од држави во кои живеат повеќе етнички заедници кои во минатото имале слични проблеми како нашите. Нивните искуства ги прикажуваат, а ние можеме да ги прилагодиме според нашите услови“, рече Незири.

Во соработка со невладините организации обучени се деведесетина професори за да се имплементираат елементите од интегрираното образование и да се надминат стереотипите и негативната енергија меѓу младите, додаде Незири.

На конференцијата, организирана од Нансен дијалог центарот (НДЦ), а како дел од програмата за основно и напредно ниво на обука за интегрирано образование, учествуваат меѓународни експерти од Норвешка, Северна Ирска, Турција, Босна и Херцеговина и Хрватска, како и наставници и професори од основни и средни училишта во Македонија кои се дел од двегодишната обука за интегрирано образование.

Стајнер Брин, високиот советник во НДЦ во Лилехамер, Норвешка рече дека во последниве дваесет години во Македонија е многу направено во правец на интегрираното образование.

„Норвешка и Македонија се соочуваат со исти проблеми. Во едно интегрирано меѓуетнички општество не постои доминација на една етничка група над друга и сите луѓе се еднакви. Ако верувате во општество во кое сите имаат исти можности мора на некој начин да воведете интегрирано образование во спротивно нема да финкционира“, смета Брин.

Според извршниот директор на Нансен дијалог Скопје, Сашо Стојкоски во Македонија постојат поделени училишта на етничка основа, па затоа вели тој, сакаме на учениците во мултиетничките училишта да им дадеме прилика да комуницираат и соработуваат. Главна причина за стереотипите и предрасудите во Македонија, вели тој,  е токму немањето можност за комуникација.

„Демократско право е учениците да учат на свој мајчин јазик од прво одделение до факултет, но тоа од друга страна е проблем. Училиштата не нудат можност како да комуницираат и да се дружат децата од различни етнички средини. Може да се заклучи дека основна причина и за меѓуетничките инциденти помеѓу учениците е етничката нетрпеливост и тоа е јасен индикатор дека мора повеќе да се работи на интеграцијата меѓу училиштата“, заклучува Стојкоски.