Конференција за причините за миграција на младите во Македонија

Фондацијата Фридрих Еберт организира конференција „Справување со причините за миграција на младите во Македонија” кој ќе се одржи во понеделник 30 ноември, со почеток во 10 часот во Хотел ТЦЦ Гранд Плаза.

Последните случувања во светот покажаа дека гласот на младите генерации е од особено значење во креирање на политичкото мислење. Исто така, и во Македонија и регионот, младите земаа активно учество во политичките движења и демонстрациите во последните години.

Токму поради тоа, фондацијата Фридрих Еберт, која се залага за развој на демократијата во земјите во светот, спроведе Студии за млади во седумте земји од поранешна Југославија (Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово и Македонија), како и Романија, Бугарија и Албанија, и како краен резултат се објави и компаративна анализа на состојбата во секоја од земјите.

Студиите за млади со помош на средствата за емпириски социолошки и теренски истражувања, ги опфатија менталитетот, ориентираност во светот, политичките преференци и идните перспективи на младите генерации во овие земји. Групата на испитаници помеѓу 15-29 години даде и претстава за нивната самоперцепција, проблемите и нивното гледиште за општествените случувања.

Целта на конференцијата е преку резултатите и информациите од втората Студија за млади во Македонија 2013 (правата е спроведена во 2006 година) добиени од припадниците на младите генерации да се обидеме да покренеме политичка дебата за подобрување на состојбата на младите.

На конференцијата ќе се понудат решенија за проблемите кои младите луѓе во Македонија ги посочија како причина за нивно иселување, односно гледање на својата иднина надвор од границите на Македонија.