Конференција: Со „предавници“ и „непријатели“ до поттикнување насилство и создавање паралелна реалност

Наративите кои и служеа на минатата власт и политичките групи кои промовираат десни и крајно десни политики, истовремено развиваа и авторитарни тенденции кои ги загрозуваат основните демократски вредности. Ова беше заедничко во повеќето презентации на учесниците на конференцијата Наративите во полуавторитарни режими (случајот со Македонија), организирана од фондацијата Хајнрих Бел од Сараево што се одржа вчера во кино „Фросина“ во Младински културен центар, соопштува организаторот на настанот.

Според организаторот, целта на конференцијата беше критички да се анализираат наративите кои во изминатите години беа создавани и насочувани кон повеќе сегменти од општеството, културата, човековите права, политиките на сеќавање, во политичките говори и медиумите.

„Потребата да се адресираат овие наративи и нивното влијание е тоа што нивниот развој и широка употреба ги загрозува основните принципи и вредности на либералната демократија во Македонија. Истовремено, тие поттикна создавање на големи разлики помеѓу ’нас’ и ’нив’ на меѓуетничко, но и на интраетничко ниво“, велат организаторите.

Во двете панел дискусии беа адресирани проблеми од полето на родовата еднаквост, положбата на маргинализирани групи, медиумите, културата, политичките говори, политиките на сеќавање и историографијата. Притоа беа презентирани многу примери од овие области во кои преку разни начини, преку образовни политики, културни политики, медиумите, политичките говори, политики на сеќавање и политичко насилство се легитимираа десните и крајно десни политики во насока на промовирање на униформност и „заедништво“, против Другиот, предавникот на нацијата итн.

„Сите учесници истакнаа дека овие наративи доведуваат до развој на авторитарни тенденции кои ги загрозуваат основите на либералната демократија во Република Македонија. Во последната панел дискусија, како своевиден заклучок на претходните презентации беа споменати и крвавите настани од 27 април година, кога пратениците на опозицијата беа нападнати од група на граѓани кои всушност под влијание на овие наративи и политики во политичките противници гледаа ’предавници’ и ’непријатели’ на нацијата. За овие луѓе чинот на насилство претставувал сосема легитимен чин и пример за создавање на паралелна реалност и изместени вредности“, стои во соопштението по настанот.

Инаку, на конференцијата своие презентации имаа Билјана Котевска, Славчо Димитров, Кристина Леловац, Игор Мицевски, Ивана Драгшиќ, Миша Поповиќ, Влора Речица, Дарко Стојанов и Ирена Стефоска. Модератори беа Сефер Тахири и Љупчо Петковски.