Концерти, работилници, филмови, дискусии – втора „ПИН“ музичка конференција

Во рамки на новото издание на фестивалот „Таксират“,  викендов ќе се одржи второто издание на меѓународната „ПИН“ музичка конференција. Настанот ќе се организира во Младинскиот културен центар во  Скопје, на 27 и 28 ноември. Како што соопшти организаторот, Пасворд пеодукција, програмата на „ПИН“ конференцијата е комплетирана, а во рамките на  настанот најавуваат дружење со повеќе од 200 гости од 22 земји од Европа, 100 музичари, 30 „шоукејс“ концерти, 20 панели, работилници, филмови и затворање на конференцијата со финалистите и гостите на ЛУЗЕР ФЕСТ.

Во рамките на музичката „шоукејс“ програма на конференцијата, публиката во МКЦ ќе има прилика да ги чуе во живо Chalgia sound system, June, Летечки пекинезери, Љубојна brass fantasy, Project orpheus, The government.

Покрај македонските изведувачи, „ПИН“ со свој настап ќе ги пречека и новите музички таленти од повеќе земји од странство, меѓу кои Alberthain од Германија, Jouycut од Италија, Kanadzija i gole zene од Хрватска, Ludovic Material од Словенија, Zrni од Чешка, Pannonia allstars ska orchestra од Унгарија и The ills од Словачка.

Во дневната панел-програма на конференцијата, „ТАКСИРАТ“ и „ПИН“ ќе бидат домаќини на голем број музички промотери, агенти, продуценти, менаџери, новинари, граѓански здруженија, претставници на јавни институции, културни активисти, претставници на најголемите музички фестивали во Европа како Glastonbury, Eurosonic Noorderslag, Sziget, Exit, Przystanek Woodstock, Pohoda, Melt!, Berlin Festival.

„ПИН“ влезниците за целосната програма на конференцијата ќе се продаваат само во деновите на одржувањето на конференцијата, на билетарата во МКЦ, а ќе чинат 200 денари. Покрај овие, ќе се продаваат и дневните конференциски (за дневната програма) и фестивалски (за вечерната програма) влезници, кои пак чинат 100 денари. Но, сите кои се заинтересирани да бидат дел од „ПИН“ Конференцијата, задолжително мора да го регистрираат своето присуство на овој линк, најдоцна до 26 ноември.

Присуството на „ПИН“ конференција е бесплатно за сите оние кои се професионално вклучени во музичката сцена и музичкиот бизнис, музичари, новинари, културни активисти, музички работници. За да бидат акредитирани за целосната програма на „ПИН“, тие задолжително треба да се пријават на апликацијата за акредитирање која е достапна на овој линкСите детали околу влезниците, акредитациите и начинот на регистрирање се достапни на официјалната интернет страница на конференцијата www.pinconference.mk .

Годинава „ПИН“ конференцијата се одржува како дел од меѓународниот проект кој го предводи ЗКУ „Таксират“, насловен „West is the best”. Проектот е поддржан од  страна на „Вишеград Фонд“ (the International Visegrad Fund), а се реализира под водство на ЗКУ „Таксират“ од Македонија и во партнерство со AAA Production (EXIT; Србија), Dokufest (Косово), Pohoda festival (Словачка), Sziget Festival (Унгарија), Colour meeting (Чешка) и Ethno Port Poznan (Zamek Culture Center; Полска).