Концерт на Die Wilde Jagd во МКЦ

Водечкото име на новата берлинска сцена, Die Wilde Jagd, ќе настапи на 17 март во Денсинг салата во Младинскиот културен центар. Неповторлива звучна слика обоена со сурова синтетика, механички перкусии и нови индустриски нијанси.

Die Wilde Jagd („Дивиот лов“) носат нова музичка струја и се предвесници на нови естетски насоки на современата генерација германски артисти, пишуваат организаторите. Креативната двојка на бендот, Ралф Бек и Себастијан Ли Филип, ги спојуваат своите творечки енергии и снимаат во добро опременото студио на Бек, користејќи бројна аналогна опрема и синтисајзери. Со разновидните уреди за снимање, тие комбинираат широк спектар на ударни инструменти и креираат сопствена „ловечка“ музика која на моменти звучи вознемирувачки – како мочуриште во темна шума, но истовремено и енергично, како хипнотички танц.

Нивната звучна слика ја одликуваат репетитивни гитарски лупови, електронски перкусии, тапани и синтисајзери, но и средновековни звуци кои се слушаат на почетокот на „ловот“ и шепотливи и рецитирачки гласови кои ги повикуваат духовите на шумата.

Во бендот членува и Нико Ромел на ударни инструменти.

Локална поддршка ќе биде Тодор Караколев, музичар кој создава композиции со силен емотивен набој и луцидна лирика, движејќи се лесно и непретенциозно помеѓу различни жанрови на електронската музика.