Концерт на ансамблот за современа музика „КонТемпора“ во МОБ

Во недела (1 март), со почеток во 20 часот во Салата Империјал на Македонската опера и балет концерт ќе одржи Ансамблот за современа музика „КонТемпора“. Овој концерт ќе биде второ претставување на ансамблот пред македонската публика по неговото формирање минатата година од страна на Сојузот на композитори на Македонија -СОКОМ.

На програмата се делата: „Пасторала“ за обоа (англиски рог) и пијано од Илија Илиевски, „Каливех“ за соло виолина од Махјар Хемати, „Патувањето на рибарот“ за обоа и фагот на Мишел Тамбувун, Дувачко трио на Хеитор Вила-Лобос, „Медитација“ за виолина и пијано од авторот Аурелио Ското и Дувачкиот квинтет „Атлански авантури“ од композиторот Ричард Хембри, од кои најголем дел ќе бидат изведени премиерно.

На концертот ќе настапат седум членови на ансамблот: Катерина Бачевска (флејта), Игор Иванов (кларинет), Владимир Лазаревски (обоа), Горан Јанев (хорна), Марјан Милошевски (фагот), Владимир Костов (виолина) и Ана Гацева (пијано). Влезот на концертот е слободен.

Во концертната агенда на ансамблот „КонТемпора“ во следниот период се и концерт во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика“ посветен на македонското музичко творештво, десетина концерти низ Македонија, концертна турнеја во Белгија, како и реализација на звучни записи на дела од композитори од Македонија и странство.