Компетитивноста во училиште не води секогаш до најдобри резултати на тестирањата

Резултатите од студијата на ученици од 53 земји во светот, објавени пред два дена, покажуваат дека за училишниот успех, освен формалното образование, подеднакво значајни се и состојбата во семејството и психолошката благосостојба.

На последната ПИСА студија (Меѓународна програма за евалуација на ученици, која ја спроведува Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД), во која се тестираа повеќе од половина милион средношколци, за прв пат се поставувани и пошироки прашања за социјалното и емоционалното здравје кај учениците.

Еден од посилните заклучоци во студијата е важноста на желбата за успех на учениците, без оглед на нивната способност. Генерално, 25% од учениците кои се опишале за најмотивирани имале просечни резултати на тестовите кои одговараат на една година дополнително образование, за разлика од најмалку мотивираните 25%.

Сепак, ОЕЦД прави разлика помеѓу надворешната мотивација (продуцирана од притисок од другите) и внатрешната мотивација (предизвикана од интерес или уживање во задачата која се работи).

Магазинот „Економист“ графички ги прикажа резултатите од последното истражување во студијата. По вертикалната оска државите се подредени по компетитивноста на учениците (според одговори на прашањето „сакам да бидам еден од најдобрите ученици во мојот клас“), додека по хоризонталната оска се подредени според стресот пред тестирање (според прашањето „дури и да сум подготвен за тест, се чувствувам под стрес“).

Горе лево: Висока компетитивност и мал стрес; Горе десно: Висока компетитивност, голем стрес; Долу лево: Мала компетитивност, мал стрес; Долу десно: Мала компетитивност, голем стрес

Студијата на ОЕЦД открила дека учениците кои се сметаат за амбициозни – што го дефинираат како внатрешна мотивација – одговарале дека помалку чувствуваат стрес пред тестирањата отколку оние кои не се сметаат за амбициозни. Додека студентите кои изјавиле дека сакаат да бидат меѓу најдобрите ученици во класот – што од ОЕЦД го интерпретираат примарно како мотивираност од рангот меѓу околината – пријавувале повеќе стрес од нивните помалку мотивирани соученици.

Студијата заклучува дека стресот го намалува успехот во образованието. Иако неколку места, како Сингапур, покажуваат силни резултати на тестот и покрај високите нивоа на стрес и компетитивност, повеќето држави кои се во врвот на скалата за стрес, како Доминиканската Република, имале подпросечни резултати на ПИСА тестирањето во природни науки. Спротивно на тоа, земјите кои покажувале ниски нивоа на компетитивност и стрес имале многу високи резултати на тестирањата за знаење, како Холандија, Финска или Швајцарија.

Според анализата на ОЕЦД: „мотивацијата поттикната пред се од надворешни фактори, може да води кон ограничен перфекционизам“.

//