[Колумни] Младите, граѓанскиот ангажман и општеството на среќни луѓе

Да не го чекаме Светскиот ден на млади 2016 за да зборуваме за овие прашања, туку да ги засукаме ракавите и да почнеме со работа, уште денес, не само јас, не само граѓанскиот сектор, туку сите заедно. Само така, ќе го изградиме нашето идилично инклузивно општество. Општество на среќни луѓе, пишува Марија Матовска, проект-координатор во ХЕРА во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Пред неполн месец, на 12 август, беше одбележан Светскиот ден на млади. Овој ден, креиран од страна на Обединетите нации, има за цел да ја подигнува свеста кај луѓето за прашања кои ги се директно врзани со младите. Овој ден за првпат беше одбележан во 2000 година. Оттогаш наваму, 12 август секоја година е денот што е посветен на младите, денот кога ширум светот се организираат концерти, тренинзи, работилници, културни настани, состаноци со најразлични засегнати страни. Во 2014 година Светскиот ден на младите беше одбележан во духот на менталното здравје, додека во 2015 година одбележувањето на овој ден беше врзано со младинското учество во граѓанскиот сектор.

Според Обединетите нации, темата на овогодинешниот ден не е одбрана по случајност, бидејќи ангажманот и учеството на младите е од суштинско значење за постигнување на одржлив развој. Сепак, според Обединетите нации, можностите за младите да се ангажираат политички, економски и социјално во многу делови во светот се ниски или пак непостоечки. Токму затоа Светскиот ден на млади во 2015 имаше за цел да го промовира ефективното и инклузивно граѓанско вклучување на младите на сите нивоа. Во последниот период имаше зголемено внимание во однос на политиките и програмите кои се однесуваат на младинското граѓанско учество од страна на владите, ентитетите на Обединетите нации, регионалните и мултилатералните организации, здруженијата на граѓани, истражувачите и самите млади луѓе. Потребни се повеќе напори за да се подигне свеста за важноста на младинското граѓанско вклучување и бенефициите кои истото може да ги има за индивидуите, но и за општеството. Светскиот ден на млади 2015 година имаше за цел промовирање на граѓанскиот ангажман и партиципација на младите во политичкиот и јавниот живот, така што младите ќе станат доволно гласни и силни за да постигнат целосна контрибуција кон општествениот развој.

Македонија, исто така го прослави овој ден. На 12-ти август беа организирани интерактивните работилници и панел дискусијата на тема „Значењето и можностите за поголемо вклучување на младите во општеството” во Младинскиот Културен центар. Овој настан беше во рамките на Youth Voice кампањата, која ја спроведе Y-PEER во соработка со Националниот младински совет на Македонија и Balkan Action 2015, а беше поддржани од Фондот за население и Програмата за развој на Обединети нации. Навистина на настанот дојдоа многу млади луѓе, се разви плодна дискусија и сите заминаа со надеж и верување дека навистина младите се оние кои ја носат промената во општеството, младите се бројни, силни и моќни… и дека институциите на системот ќе го препознаат тоа и ќе отстапат простор за целосно и непречено вклучување.

Младите преку вклучувањето во граѓанскиот сектор добиваат многу знаења и вештини, учат да се борат за она што е нивно и им припаѓа само ним. Тука пред се мислам на правата на младите, кои не ретко се заборавени во нашиот контекст…. А, пак доколку ја свртиме топката кон сексуалното и репродуктивно здравје и права на младите во Македонија, ќе добиеме уште потемна и попоразителна слика. Колку младите се вклучени во креирање на политиките за сексуално и репродуктивно здравје? Дали некогаш некој ги прашал младите дали имаат потреба од сексуално образование, систематски пристап до информации за првиот сексуален однос, врските, љубовта, различностите, родовите стереотипи, оралната контрацепција? Дали некој навистина направил опсежна анализа за тоа кои се потребите на младите во овие сегменти? Одговорот на овие прашања би бил не. Затоа, ние заедно мора да работиме за да ја смениме оваа слика.

Само млади кои се задоволни, исполнети и среќни навистина можат да придонесуваат за развојот на оваа наша држава и ова наше општество, а сексуалното и репродуктивното здравје е токму тоа, задоволство и среќа. Затоа секогаш кога зборуваме за младинското граѓанско учество во носењето на политиките да не го заборавиме сексуалното здравје. Да не заборавиме дека само со целосно вклучување на младите, ќе постигнеме и целосна општествена благосостојба. Да не го чекаме Светскиот ден на млади 2016 за да зборуваме за овие прашања, туку да ги засукаме ракавите и да почнеме со работа, уште денес, не само јас, не само граѓанскиот сектор, туку сите заедно. Само така, ќе го изградиме нашето идилично инклузивно општество. Општество на среќни луѓе.