[Колумна] Времиња на младината

Младината како субјект во нашето општество долго време беше омаловажувана и деградирана. Во сложениот современ живот таа тешко успеваше да се избори за својот опстанок, а уште помалку за својата гласност која е својствена за секој млад човек кој внатре во своето битие го носи авангардниот дух на сопствената генерација. Репресијата на тој дух од страна на кафкијанската хиерархија во студентскиот, средношколскиот, културниот и политичкиот живот не овозможуваше изразување и артикулирање на идеите и стремежите на луѓето кои беа желни да не останат само уште една изгубена генерација сместена во заборавот на историските случувања на нивното време.

Да бидеш млад во нашата држава значи да се прилагодиш на веќе воспоставен систем на вредности кои многу често се косат со природните и вистинските вредности.  Проблемите на младите воглавно произлегуваат од неколку белези на нашето општество за кои слободно може да се каже дека ја загрозуваат слободата на секој поединец.

Првенствено треба да се задржиме на апатијата и рамнодушноста на младите за случувањата околу нив и директните последици што произлегуваат од отсуството на интерес за директно соочување со нив. Избегнувањето на проблемот само го продлабочува, одлговлекува и потврдува распаѓањето на една генерација, која, гледајќи кон минатото, ќе жали за времињата што ги пропуштила.

Силната партизација во политичкото размислување кај младите е исто така голем проблем со кој се соочува секој млад човек кој токму во тие години е спремен да прими најмногу информации за светот околу себе и е соочен со избор помеѓу неколку корумпирани структури на веќе изградени и декадентни политички партии кои личниот интерес секогаш го ставаат пред општествениот. Соочени со силниот егоизам на секојдневниот живот проектиран низ призмата на партиите и нивните послушници, младите тотално се демотивираат и престануваат да размислуваат политички за подобрување на состојбите околу нив.

Но, како што напишал Дикенс, ова се и најдобрите и најлошите времиња; од таквиот деморализиран свет може да произлезе и најголемата надеж од оној што широко ќе ги отвори очите и ќе престане да преспива пред неправдите! Токму тоа е нашата Мугра! Младинската организација „Мугра“ ја води стремежот дека мала, доволно мотивирана група луѓе може да ги донесе најголемите промени.

За да не завршиме како изгубената генерација на Хемингвеј, која, по Првата светска војна, гледа зад себе и немо ја набљудува руинираноста од големата катастрофа кој ги покосила народите на тогашна Европа, ние се водиме од паролата: „На работа, на труд!“ Но, на труд со која цел? На труд кон подобрувањето на животот на младите, на труд кон активирање на слободарскиот и креативниот нагон кај младите, на труд кон едукација на младите, на труд кон солидаризација на целата младина против неправдите, поттикнување на дружењето помеѓу младите, базирано не на интереси, туку на автентично изградени односи, кои на крајот би ги споиле.

Креативноста кај младиот човек е срозена и убиена. Кај секој млад одекнува песна, во неговото срце се крие поет. Во секој млад човек лежи една недопишана книга, кај секој млад човек дреме уметничкиот порив да се изрази себеси како дел од општеството и светот.

Едукацијата кај младите се сведува на прашања со заокружување, на компетитивност помеѓу генерациите, на минливо помнење информации и искористување на нивниот труд со цел да се одржува во светот еден неправеден систем. Едукацијата, наместо да се стреми да му овозможи на младиот човек да се себепронајде или себепромени, му помага да се себеуништи и себеограничи. Науката е водена од апстрактни системи, наметнати за да се извлече профит од високообразовните институции и потоа корпорации кои би го искористиле трудот на младите, ја уништува секоја смисла на самото образование, кое стекнува само една цел, а таа ни во најмала рака не е хумана кон човекот бидејќи го присилува да размислува само еднодимензионално.

Роди се, јади, учи, вработи се и умри. Дали сакаме да живееме во свет каде нема да можеме да си го собереме целиот свој потенцијал и да го расфрлиме градејќи се себеси и луѓето околу нас? Дали ќе молчиме или ќе кренеме глас? Прашањето е сега!

Не тагувајте, млади другари! Времињата на младината допрва доаѓаат, времињата на рамнодушност се одамна поминати, времињата на обезличеноста во образованието ќе станат минато, времињата на младината ќе одекнат како мугра која наскоро ќе го раздени слободниот живот во нашата заедница. Времињата на младината ќе дојдат како голем бран и од брегот на нашето сиромашно живеење ќе ја однесат тагата оставена од претходните генерации и тогашните наши соборци за слободен живот на младината.

Кирил Дончов
Извор: Младинска организација „Мугра“