[Kолумна] Универзитети рекетари?

Ова е земјата каде образованието (знаењето) е сила, моќ. Но изгледа тоа важи само ако зборуваме за бројот на дисперзирани студии, запишани студенти, (неискористен) компјутер по глава на ученик. Ама, не ако зборуваме и за правата на студентите, особено за оние кои студираат на универзитетите во Битола и Штип и се присилени да плаќаат принудни членарини за организации кои едвај постојат.

„Уличарски грабеж“ на академско ниво

[Kолумна] Универзитети рекетари?Се сеќавате порано, кога имаше корупција на ниво на „колективен заговор“ на УКИМ? Кога на студентски прашања не ти ги примаа документите ако немаш уплатница за Студентски парламент на УКИМ, организација во која ниту си член ниту имаш право на учество, но ја плаќаш за да гласа за тебе? Иако е противуставно да те присилува некој за членство во организација, уште помалку да плаќаш за неа, оваа коруптивна практика беше јавната „нечиста“ тајна на УКИМ… до пред три години, кога по поднесувањето на претставка од Слободен индекс до Уставниот суд и јавната реакција беше укината, а  тогашниот министер Никола Тодоров како и ректорот  на УКИМ Велимир Стојковски потврдија дека е незадолжително членството во СПУКМ.

Универзитетите „Климент Охридски“ во Битола и „Гоце Делчев“ во Штип изгледа не научија од таа лекција. Сеуште принудуваат студенти да плаќаат „членарина“, за да се полнат буџетите.

Но за момент, за да сфатиме колку е ова лошо, да се преправаме дека ова не е противуставно. Да речеме дека е сосема нормално да учествува цел еден универзитет во присилно собирање средства за некоја студентска организација.

Оние кои ги добиваат тие средства, студентските парламенти се: непознати лица  (јавно не се знае раководството, членовите, средбите), нетранспарентни организации (немаат ниту вебсајт, а не пак објавен извештај), претставници на сите студенти (тие се оние кои имаат моќ да влијаат на квалитет на наставата и можностите за студентите, а не го прават тоа).

И кога ситуацијата е таква, зошто еден универзитет би си ја загрозувал репутацијата со соучество во ситно џепџиство во корист на вакви организации?

Партнери во „злочинот“

[Kолумна] Универзитети рекетари?Станува тешко да се препознае дали универзитетите се во функција на одбрана на квази-претставнички парламенти, или парламентите се во функција на универзитетите. Каква и да е оваа симбиоза, студентите не се во неа. И се додека некој ректор, декан, професор, службеник не истапи против ова, тие се соучесници во оваа коруптивна практика.

Се додека просторот за студентско организирање, или името на оранизацијата која законски смее да биде претставник е узурпирано од група индивидуи кои не можат ниту да си ги кажат имињата или покажат извештаите, претставувањето на студентите ќе биде ад хок, киднапирано од продолжени раце на универзитетите, партиите, индивидуи со лични интереси или по некој чесен исклучок кој залутал.

Но, наместо институциите да притиснат кон парламентите, да побараат да се отворат, да ги стопираат средствата кои им ги даваат се додека не почнат јавно да известуваат за нив, да не ги признаваат за парламенти се додека во нив не се претставени сите студентски организации (над шеесетина во земјава) –  тие учествуваат во нивната поддршка, макар таа била и корумпирана и противуставна.

[Kолумна] Универзитети рекетари?

Дури и да не одлучи никој од тие кои треба да мрднат со прст и да ги постави очигледните прашања, студентите кои се затечени од ова кршење на нивните права веројатно ќе продолжат да се трудат да најдат начини да се обратат некаде и да направат промена. Младински организации, медиуми, движења можеби се активираат во обид на одбрана на слободата на здружување и против присилно наплаќање незадолжителни средства.

Но ако универзитетите, парламентите и институциите не одлучат да ја направат доблесната, морална и праведна работа, односно да ја прекинат присилната наплата и да го разбијат монополот на студентското организирање, тогаш носат колективна вина за нанесување штета на студентите, оние за кои треба да постојат.

Дона Костуранова, претседател на Младински образовен форум