[Колумна] Светот на законите и на забуните

Светот на законите и на забунитеИ не така одамна го завршив правниот факултет, па замислете во ова време дури и магистрирав. Мислев дека сè знам, но по кратко време пракса сфатив дека ништо не сум научила, освен што имав некоја добра теоретска основа.

Често ја слушав реченицата „Имаме европски закони, но балканска примена”.

Кога почнав да го практикувам правото, односно она за кoе се школував сфатив дека законите ни се балкански како и нивната примена. Сепак тоа не беше големо изненадување за мене. Законите на хартија и нивната примена во секојдневието се две различни работи, па почнуваш да го применуваш правото со куп прашалници во главата.

Случајно работејќи на некои предмети кои се работни спорови, наидов на една контрадикторност во Законот за работни односи, ние правниците би рекле колизија. Да, звучи многу збунувачки колизија на закони, ама така е. За жал ова не е редок случај во македонското позитивно законодавство. Еве за што всушност станува збор. Уште кога бев на факултет ја паметам одредбата од Законот за работни односи (ЗРО), јас кратко ја викав и младо лице под 18 години може да склучи договор за вработување.

И de jure е така, кога некој ќе го отвори Законот за работни односи член 18 став 1. Но, добриот правник нема да биде одличен практичар ако остане на првиот став и ако не разгледа што понатаму предвидел законодавецот. Законодавецот сакајќи да биде појасен и попрецизен се фатил во сопствената замка. Па во член 18 став 6 од ЗРО пропишал и што се подразбира под младо лице кое според ставот 1 од истиот член може да склучи договор за вработување. Односно законодавецот наведува: “Како младо лице се смета секое лице кое може да склучи договор за вработување, кое има најмалку 15 години возраст, а под 18 години возраст и не е опфатено во задолжително образование, за извршување на работи кои не се штетни по неговото здравје и безбедност”.

Што значи да ја сумираме целата одредба младо лице може да склучи договор за вработување. Како младо лице се смета она лице кое е на возраст помеѓу 15 и 18 години и не е опфатено со задолжителното образование. И во ваквата одредба од Законот за работни односи нема ништо спорно.

Образованието е процес кој на секое дете мора да му се овозможи. Писмената нација е стремеж на секоја држава. Кога собраниското мнозинство одлучи покрај основното образование задолжително да биде и средното образование во Р.Македонија слушнав различни коментари. Критиките беа најразлични. Мојот став беше образованието треба на сите да им биде достапно, но сепак неговата задолжителноста да не го наруши неговиот квалитет. Сепак тоа се случи, здолжителноста на средното образование драстично го намали неговиот квалитет. Како и да е, сето тоа убаво спакувано во закон од 2008 година средното образование стана задолжително во Р.Македонија за прв пат.

Законодавецот сето тоа убаво го спакувал па и дефинирал кој според Законот за средно образование во прва година може да се запише како редовен ученик. Па така во прва година во јавното училиште како редовен ученик може да се запише лице кое не е постаро од 17 години, а ученик со посебни образовни потреби да не е постаро од 25 години. Додека пак лице кое е постаро од 17 години според Законот за средно образование може да се запише како вонреден ученик.

Ако убаво се разгледаат горе наведените одредби заклучокот е јасен. Имаме школски пример на колизија на закони. Па така сето тоа што го дозволува одредбата од Законот за работни односи, односно можноста на младо лице да склучи договор за вработување доколку не е опфатено со задолжително образование, се забранува со истата таа одредба. Сето тоа од причина што средното образование веќе е задолжително. Сите млади лица кои ги опфаќа членот 18 од ЗРО се опфатени со Законот за средно образование како ученици во задолжителното средно образование. Во една иста одредба од Законот за работни односи нешто се дозволува, а во истата таа одредба ако се земе во предвид Законот за средно образование се забранува. Сега можам да кажам дека го чуствувам правото. Сето она што не знаев да си го објаснам најпрво самата на себе, сега стана сосем јасно.

Законот не е целина сама за себе, тоа им е јасно на сите, но на законодавецот може да му се случи стотици закони да донесе во еден ден. Законите опфаќаат и засегаат големи категории на граѓани. Законот треба да ги унапреди правата на граѓаните, но ние се загубивме во сето тоа. Многу лесно ги менуваме системските закони, а со тоа многу лесно законодавецот игра со судбината на луѓето.

Јасно е дека не очекуваат измени и дополнувања во неколку важни закони како што е измената на ЗРО, како и измени на Уставот на Р.Македонија, пропустите што ни се случуваат јасно упатуваат на тоа дека секоја измена е многу деликатна. Стручната и академската јавност треба да бидат активно вклучени во сите законодавни процеси. И сето тоа да вроди со еден систем на правна сигурност за сите граѓани.

Бојана Благојевиќ – предавач во „Учиме право“, МОФ/Тетово

Извор: МОФ/Сервис за млади