[Колумна] Слобода – на долг рок

Внатрешната борба на едно движење може истото неповратно да го закопа во историјата, но прифаќањето на диверзитетот и неговото успешно контекстуализирање може и да го направи една од најуспешните појави во општествената клима на една држава. Очајот на било која власт при соочување со вакво движење секогаш е видлив и опиплив преку нивните акции на бруталност и репресија спрема оние кои, по нејзино сметање, се најекспонирани и следствено, водачи на истото. Одговор на ваквата агресија може да биде да се остави стихијата да преовладее во движењето, да таа биде еден вид хаотична водилка кон иднината која длабоко зависи од таканареченото “поклопување на ѕвездите” во политичката ситуација, или народски кажано, чиста среќа. Ваквите движења се ретки, но често се претопуваат со актуелните политички актери кои знаејќи дека се први на листата на можни капитализатори на незадоволството, себеси се претставуваат како сојузници, притоа неземајќи во предвид дека ако едно движење се изродило надвор од постоечките политички елити и групации, има добри шанси да во моментот на неговото формирање, таквиот начин на настанување бил единствен можен, а сите оние кои јавно помагаат во тоа, суштински штетат на движењето.

Сепак, кога опортуниот политички махинализам презема едно движење тоа нема избор освен да потпадне под инерцијата без да има можност суштински да влијае врз дефинирачките карактеристики на движењето, или да се бори да се диференцира себеси, при што која опција и да ја одбере тоа ја губи својата автентичност со тоа што ја губи партијата на ментално “џудо” – ако го победи стихијното, губи. Ако пак, се обиде да го промени од внатре, навлегува во длабока внатрешна идеолошка борба со луѓе несвесни за својата идеологија, дотолку поштетна што добар дел и од свесните луѓе можат да потпаднат под влијание на нивниот прост јазик и едноставни примери, незабележувајќи дека тоа е само една континуирана пракса на несвесно, но невино релативизирање. Доколку пак се обиде да се себеизолира од новиот правец, движењето најдува дека времето потрошено е повредно од времето кое доаѓа, која е пак сосема погрешна перцепција.

Единствената алтернатива на тоа е чиста, долгорочна, идеолошки поткована стратегија. Идеологијата како збор, иако стигматизиран кај нас, има многу јасно и општо значење – систем на идеи и/или идеали според кои еден човек си го води својот живот. Кога една личност јасно знае за каква идеологија се залага (за себе, ако не и за цели групи на луѓе), ги знае корените и основите на тоа свое залагање и се произнесува по истото без задршка, таа личност се дефинира себеси како идеолог на своето однесување, а во својата идеологија гледа патоказ за своето однесување во иднина како и пример за однесувањето на другите. Со тоа, кругот е комплетен и сетот на идеи по кој се води личноста станува општествен елемент кој има и свое општествено влијание сразмерно со она на личноста.

Така, доаѓаме до точка каде секое движење е дефинирано од склоповите на идеи и идеали кои што ги носат неговите идните чекори онолку многу колку што е и влијанието на личностите кои што се дефинирани од истите. Затоа, за да една претходно дефинирана стратегија функционира, таа треба да биде конструирана од идеолошки хомогена група на луѓе кои на долг рок знаат за каква иднина се борат, за кога конечно ќе дојде последниот чекор до таа иднина (дури и само во умот на оние кои дејствуваат), не настане внатрешен раздор и почетната цел и поента на движењето биде остварена.Секако, идеолошка хомогеност не секогаш значи успех, но кога целите се јасни, единствена точка на дискусија се методите.

Давид Стефаноски, член на Младинската организација „Мугра”

Извор