[Колумна] Народна, плочка, жмурка – без таблет одиме на журка

Развојот на модерната технологија има огромно значење врз развојот на децата. Затоа кај родителите често се јавува дилема во колкава мера користењето на модерната технологија како телефони, таблети, лап-топ, компјутери, негативно влијаат врз развојот на децата.

Имајќи предвид дека најголемиот број деца овие уреди ги користат во забавни цели, мудроста на родителите е во насока да им сервираат на своите деца содржини кои одговараат на нивната возраст и интересирање.

Секако дека компјутерот и интернетот претставуваат одреден „прозорец кон светот“ и нуди голем број информации, брзи и лесни одговори на најразлични прашања. Значењето на модерните уреди кое го имаат во едукацијата на децата е сериозно намален со фактот дека тие уреди ги поттикнуваат децата брзо да преминуваат од тема на тема. Тие не навлегуваат во суштината. Креативниот и истражувачкиот дух кај децата едвај и да постои, што пак, од друга страна го спречува развојот на љубопитноста и фантазијата, односно го спречува интелектуалниот развој кај децата.

Пасивноста покрај овие уреди може да имаат сериозни последици кај децата и во однос на нивниот физички развој. Од разни деформации на ’рбетниот столб, рамни стопала па се до проблеми со видот. Недостатокот на физичка активност директно влијае и врз недоволниот раст кај детето. Постојано треба да ја имаме предвид познатата девиза „во здраво тело – здрав дух“, или кажано во негативен контекст „во болно тело болен дух“. Бескомпромисно мораме по секоја цена на нашите деца да им овозможиме здраво тело. Физичката активност неспорно ја поттикнуваат адаптацијата на организмот на надворешни и внатрешни стресови, врз развојот на функцијата на локомоторниот систем, зголемување на капацитетот на кардиопулмоналниот систем, позитивно влијае врз метаболизмот. Резултат на сето ова е хармоничен, функционален и естетски развој, зголемување на виталните капацитети но и позитивни психички ефекти.

Затоа и го креиравме проектот „КриенкаVSТаблет“ кој го спроведува здружението за дислексија Ајнштајн, финансиран од Фондација Отворено Општество. Во овој проект доминираат пред се физичките активности во разновидни игри од нашето време и времето на нашите родители, а кои секако предизвикуваат интерес кај децата. Во проектот спроведуваме осум забавни денови каде со ученици од четврто одделение играме игри: народна, плочка, криенка, сакате ли војна, грабни стапче, здрвена Марија, пантомима, асоцијација, брза географија итн. Реализирана беше и планинарска прошетка и дружење на Водно и предвидени се две работилници арт-терапија.

Сите овие игри се многу важни за целокупниот развој на детето, кои што имаат влијание не само на физичкиот развој, но последиците се согледуваат и во психичкиот развој.

На психички план можни се последици во форма на отсуство на самодоверба, тешкотии во социјална комуникација, изолираност, повлекување во себе и сето ова асоцира на симптоми од аутистичен спектар на нарушувања, границата е многу тенка. Во поекстремни случаи може да се појават и некои форми на фобии бидејќи од недостаток на социјални интеракции детето не успеало да изгради стратегии за надминување на стресни или кризни состојби.

Потребата за внимание, љубов, комуникација и припадност е базична потреба за развој на секое дете. Детето има потреба за допир, топлина, нежност, да му се пее, зборува, да се раскажуваат приказни, смеење заедно со прегратка. Сето ова не може да се надомести со сурфање на интернет  или играње видео игри.

Маја Невчевска Станкоска

*Текстот е објавен во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.