[Колумна] Младинскиот глас се крена, министерот го снема

[Колумна] Младинскиот глас се крена, министерот го снемаЗа достижно европско образование сонуваше секој министер седнат во „образовно-научната“ фотелја, но никој, ама баш никој, европски не го дофати сонот…

Со сличен сон за европско образование живее и Панче Кралев, сегашниот министер за образование и наука, а реализацијата на својот министерски сон ја започна со релевантна форма, овој пат во оценување.

Без претходно крената прашина, во плико, екстерното оценување „стигна“ во сите училишта на територијата на Македонија. Едните училишта имаат услови, а другите пак, претходно дадените „услови“(компјутерите) сега ги немаат, или се некаде во долните простории од училиштата…

Поминаа и првите пробни екстерни, а од понеделник се очекува и „генералката“ на министерот која предизвика бурни реакции, а младинците ги крена на нозе. И синдикатот на просветни работници си ги засука ракавите, започнаа преговори, но не се резултираше со позитива.

Еден од најактивните министри стана пасивен. Панче Кралев,  кој Сител и другите медиуми претходно „од уста не го вадеа“, деновиве пропадна во земја, и тоа во вистинската смисла на зборот.

Една недела пред стартот на оценување, во плико во училиштата (наводно по случаен избор) пристигна писмо за тоа кој по кој предмет ќе биде тестиран. Писмото не издржа ниту два дена, подоцна пристигна и второ писмо, со променети термини и предмети.

Синдикатот на наставниците (СОНК), пак, ги продолжи преговорите со министерот. Предлози за „соработка“ помеѓу МОН и СОНК летаа на сите страни, „екстерно, но без оценка“, „екстерно без влегување во среден просек“ и сл., беа само дел од предлозите за соработка помеѓу синдикатот и министерот.

Додека учениците ги засилија своите протести во (скоро) секој поголем град, министерот не беше достапен за јавноста, а камо ли за интервју!

Наместо моливот и тетратката да послужеа за алатка за разбирање помеѓу учениците, социјалната мрежа „Facebook“ беше местото каде се организираа протестите.  „Стоп за екстерното, да за нормалното“ беше само една од многуте пароли на протестите низ земјава, за кои повеќето телевизии не слушнале, а во нивните прилози одеа информации за добрите страни на екстерното (кои за жал се малку).

Кулминација беа информациите дека младинците партиски се активирале, а не од своја желба и присуството на партиски обележја за време на протестите против екстерното, кои беа етикетирани како партиски.

И додека се користат алиби за уверување за достижно европско образование, апсурдите во екстерното тестирање растат…

 (продолжува)

Марко Видачек, медиа/арт клуб Тетово