[Колумна] Македонски студент во финскиот образовен систем

Почнувањето на моите магистерски студии на универзитет во Финска за мене беше изненадувачки уште од првото стапнување во просториите на кампусот. Кога мислам на изненадување, мислам на буквално подзинување со устата кога влегов во четирите згради на мојот кампус. Инфраструктурно универзитетот сака да му покажа на студентот дека ова е место за учење. Иако има некои делови коишто релативно ги следат примерите на сите стандардни училници и предавални, присутни се и доста удобни простори како соба за играње игри, тунел за спиење, ресторан за храна во секоја зграда каде меѓудругото како студент може да јадете четирипати поефтино отколку на било кое друго место. Некогаш и атмосферата е толку домашна што може да забележите професори на своите предавања по чорапи.

Организирањето на студиите за мене како странски студент на почетокот, дури на моменти и сега, беше и е конфузно. Распоредот и предметите коишто ги следиме во голем дел студентите ги одлучуваат сами. Ние како интернационални студенти добивме помош од некои од нашите професори бидејќи прв пат се доближуваме до ваков концепт, но дефинитивно ваквиот концепт не само што ве става во позицијата да ги одберете предметите коишто навистина сакате да ги слушате, туку и да сте добар организатор на своето време. Ваквиот концепт бара постојано следење на тоа кој предмет кои денови се одржува, во кои часови, дали има временски конфликт со некој друг предмет, да ги пресметате кредитите, да ги исконтактирате професорите и многу други логистички пропратни обврски. Иако јас сум личност што по природа сака да ги планира работите, во моментов имам три различни планери што ми помагаат да стигнам се, што дури и за мене е премногу.

Финскиот образовен систем посветува многу внимание на групната работа. И ова не е само на програмата на магистерските студии на мојот универзитет. Како дел од Департаменот за едукација можев да видам дека ова се практикува во сите нивоа на образованието. Всушност, денеска на еден од моите часови по набљудување на финскиот образовен систем ни беше презентирана нов тип на училница, во којашто заеднички работат ученици од петто и шестто одделение. Просторијата е фасцинанатна, во поглед дека учениците можат да учат додека лежат на кревет, имаат мебел креиран од двајцата нивни наставници…Дури и училницата ја граделе сите заедно (зборувам за вистинско одење во ИКЕА, купување мебел и потоа монтирање), имаат висока технологија како компјутери, дронови, таблети коишто вистински ги користат за време на часовите и иако е концепт што се пробува за првпат, ученици од две различни одделенија да функционираат во иста просторија, сепак наставниците се задоволни. Моето лично искуство беше исто така пропратено со многу групна работа, многу дискусии, па дури и оценувањата се некогаш групни. Типичен пример е групниот испит, каде што не само што треба да го совладате материјалот туку треба и испитот да го положите во група, каде што ќе дојдат до израз и некои други ваши способности како студент.

Универзитетот има интегрирано и предмети коишто на студентите  од други држави им помагаат во нивната адаптација во Финска. Може да следите предмети за теоретските основи на културните транзиции, за тоа што е културен шок, дека кај некого се манифестира културниот шок на многу полесен начин, додека на некого може и телото физички да му се згрчи од културен шок. Овој семестар учествувам во група со двајца други интернационални студенти каде што самостојно треба да организираме 12 часови дружба во рамки на официјален предмет на факултет. Можеме да одиме на изложби, на забави, да готвиме заедно дома или да посетуваме театар. Меѓудругото одговорниот професор нема да патролира дали навистина сте комплетирале толку часови, бидејќи една од основните премиси на финскиот образовен систем е довербата. Ако професорот кажал да прочитате една книга до наредното предавање, нема да ве тестира за книгата, едноставно ќе ви верува. Сите овие предмети коишто ни помагаат нас како интернационални студенти да се интегрираме во општеството, да стекнеме пријатели, да осознаеме од каде доаѓаат некои наши тешки моменти се еднакво валидни како и предметите од нашите департмани. За нив добиваме еднаков број на ЕКТС кредити, бидејќи секој труд во којшто е вложено време е валиден и важен.

Кога би сумирал, би кажал дека Финскиот образовен систем е флексибилен и динамичен. Постојано сретнувате луѓе и сте во интеракција со некого. Стандардните тестови речиси и не постојат, освен по некои предмети. Секако постојат и доста предизици коишто може да се подобрат како и во секој образовен систем, особено ваков којшто треба да се адаптира на многу дијаметрално различни култури. Се’ додека постои просторот универзитетот да се прилагодува на нас, а не по секоја цена ние да се прилагодуваме на него и на веќе постоечката универзитетска култура, тоа за мене е знак дека ние сме добродојдени како странски државјани во оваа држава и во оваа образовна институција.

Ангел Димитриевски, студент на магистерски студии по медиумска едукација на Универзитетот Тампере во Финска