[Колумна] Иако сум во Амстердам, пак ќе #Протестирам

Многумина би кажале дека немам многу кредибилитет да зборувам за протестите во Скопје кога веќе не живеам во Македонија.

Протест во Амстердам, 2016

„Еј ти таму во дијаспората, добро ти е“, ќе речат. Но, не е баш така. Кога заминав од Македонија, зад себе го оставив единственото друштвено опкружување што го имав. Секое пријателство и речиси сите роднини. Но секојдневните случувања, политички превирања, разоткриени случаи на корупција, секое разрушување на општеството во кое живеат моите најмили не престана да ме погодува и тука, на 2000 километри од дома.

Но, нема да зборувам за емоционалните турбуленции пред мојот лаптоп. Ќе зборувам за тоа како јас, и стотина други членови на македонската дијаспора можат, и и помагаат на својата татковина.

Живеам во Холандија, и овде имаме Фејсбук групи, каде што освен прашања за тоа каде можеме да најдеме ајвар или бело сирење, се отвораат дискусии за тоа како можеме да изразиме подршка. Со секој протест дома, следуваат дискусииите и на нашите Фејсбук групи.

Во изминатите месец дена, главна тема е Шарената револуција која владее низ Македонија. Споделуваме линкови со сите информации што ќе ги најдеме на холандски, споделуваме линкови со информации што појасно ќе ни ја доловат сликата за протестите дома, а и самите се организираме за собирање и давање поддршка.

Вакво собирање се организираше лани, на 5 мај 2015 година. По тој настан си реков: „Ова еднаш се случува“. Педесетина македонци на Museumplein во Амстердам, со транспаренти и мегафони гласно ја ширеа пораката за протестите во Македонија на овие Холанѓани кои се што сакааа тој ден беше мирна недела на сонце. Мислев дека тоа нема да се повтори. Всушност, зошто би се повторило, видете не, сите сме надвор, сите кои сакаме промена, си велев. Независно дали сме во Македонија, Словенија, Бугарија, Англија, сите баравме правда од таа корумпирана влада.

Речиси една година подоцна, ете не пак, со транспаренти и шарени балони. Секој од нас живее надвор од дома, но таа сабота беше посветена за дома. Направивме слики и видеа кои почнавме да ги споделуваме со нашите пријатели од земјата во која сега живееме. И сметам дека тука лежи зајакот за потребата зошто треба да продолжиме со овие собирања за подршката на протестите.

На сите вас, кои што сте на улица, секој ден во 6 часот, не знам колку ви значи што пар луѓе се собрале во Амстердам и протестирале. Можеби ништо. Верувам дека е побитно за тоа како ќе пројде големиот протест, во главниот град. Страв ви е за пријателите околу вас, од превирањата, но и од реалната можноста некој да заврши во притвор. Но нам, на малата група далеку од дома, ние има имаме други очекувања. Секој пат кога некој странец ќе се информира за нашата земја преку наш ФБ пост, ни скока срцето. Секој пат кога нашата земја и Шарената револуција ќе бидат тема на работниот ручек ние се чувствуваме дека сме успеале во нешто. Дека сме ја прошириле пораката. Колку повеќе споделуваме, толку повеќе прашања добивање. Тој интерес не мотивира да продолжиме, бидејќи повеќе не сме малата земја негде јужно од Грција и северно од Србија.

Низ презентираме општество кое што е силно и се бори за фундаментална промена. Нашиот придонес се сите „лајкови“ што ги имаме, сите странски прашања што ги одговараме, сите линкови што ги споделуваме, секој оној кој што ќе дознае за Шарената револуција… Дали тоа ќе донесе значаен придонес? Не знам. Но колку е поголема дискусијата, толку е таа поотворена и поделотворна. Оваа Шарена револуција заслужува интернационална пофалба.

*Група студенти, професионалци и пријатели кои во моментов живеат во Холандија годинава направија два протестни собири, првиот во Амстердам на Museumplein на 24 април, вториот во Хаг, една недела подоцна пред Македонската амбасада.

Елена Мицајкова, студентка во Холандија