[Колумна] Грција

Грција го кажа своето историско „Не“ на меѓународните доверители и одби да ги послуша нивните препораки за штедење, односно за одржливо враќање на долгот кон меѓународните финансиски институции. За волја на вистината, што точно ќе значат резултатите на референдумот за одбивање на мерките на доверителите во овој момент веројатно нема да можат да прогнозираат и многу поупатени аналитичари од авторот на овие редови, пишува новинарот Ѕвездан Георгиевски во денешната колумна за „Окно“.

Дури и челниците на владеачката Сириза последниве денови се прилично контрадикторни во своите изјави, а европските лидери исто толку претпазливи. Впрочем, и Македонија (барем оној нејзин официјален дел), би рекле дури вообичаено, финансиските неволји на својот сосед ги прима сосема – рамнодушно. Небаре не се работи за еден од најголемите вложувачи во Македонија. Или за непосреден сосед, при што (а ние тоа добро го знаеме) мечката од неговиот двор многу лесно ќе заигра и во нашиот. Без оглед на членството во Европската унија, најблаго речено е чудно една Словачка повеќе да се грижи за последиците од грчката криза, отколку Македонија. Добро, од време на време ќе излезат некои овдешни официјалиси (гувернерот Богов, на пример) и ќе нè убедуваат дека една од најголемите македонски банки, Стопанска банка, која е речиси во целосна сопственост на грчката државна банка, нема да почувствува никакви последици од грчката криза (иако, колку што ни е познато, и Националната банка на Грција потпаѓа под мерките на доверителите), како божем само банкарскиот систем да е загрозен од должничко-доверителската криза. Тука, се разбира, се и градежните и трговските инвестиции, како и други релации со овдешното, и онака осиромашено, стопанство.

Од друга страна, ова не е ни прво големо должничко искушение на Грција, а со самото тоа ни прво нејзино историско „Не“ на кредиторите. На крајот на краиштата, поговорката „Должен како Грција“ (во некои варијанти и „Пропадна како Грција“) кај нас има веќе митски размери. Практично, модерната грчка држава е создадена врз ненаплатливи кредити. Од безбројните верзии за настанувањето на оваа поговорка, најверна е онаа што се врзува за славната изјава на тогашниот грчки премиер Харилаос Трикупис во грчкиот парламент во далечната 1893 година, кој тогаш едноставно признава: „За жал, банротиравме!“ (на грчки, во латинична транскрипција, ова отприлика би гласело: Dystyhos, eptohefsamen!). Тогашниот грчки банкрот, слично како и сегашниот, се должи на повеќе чинители. Уште од времето на борбата за ослободување од Османлиската империја (1821 – 1827) Грција е со оружје помагана од „европската тројка“ (Русија, Франција, Велика Британија – оттука и називот на сегашните доверители: „тројка“), а дел од таа помош, особено кога на грчкиот престол седнува не многу вичниот малолетен баварски принц Ото (крунисан 1831, детронизиран 1862), се претвора во скапи кредити, кои извесно време ги плаќа Баварија (татко на Ото е баварскиот крал Лудвик I), а потоа веќе никој не ги плаќа. Во меѓувреме Баварија влегува во обединетата германска држава, а нејзиниот премиер, големиот пруски политичар Ото фон Бизмарк, во еден момент решава да ги наплати долговите. Наплатата следи, се разбира, по мегаломанските грчки идеи за идеална инфраструктура (изградба на Коринтскиот канал по урнек на Суецкиот), а уште повеќе по отворените аспирации за таканаречената Мегали Елада, односно Голема Грција, со Константинопол (Истанбул) како главен град. Да бидеме прецизни до крај, и „железниот“ Бизмарк сепак не успева да го наплати целиот долг, туку само главнината без камати, и тоа само долгот кон Баварија, а не кон „тројката“.

Реалните аналитичари ги гледаат корените на денешната криза во сличната европска политика. Имено, европските банки и меѓународни финансиски институции (да не се лажеме, одлуките се политички, а не економски) некритички ѝ даваат заеми на Грција, првенствено за да ја форсираат сопствената трговија. Според некои извори, најголемиот дел од грчкиот долг всушност е направен за купување прекумерни количества европско оружје. Ако сакаме да ги влечеме аналогиите до крај, најчесто тоа оружје (про)давано поради конфликтите со Турција. Од друга страна, Грција, уште од своето формирање како современа држава, негува богата традиција на клиентелизам и корупција, на владеење на семејства и избрана елита. Во тој однос речиси и не може да се забележи некоја особена разлика меѓу семејствата Караманлис и Папандреу (читај: десничарската Неа Демократија и левичарскиот ПАСОК), додека за Сириза, сепак, е прерано да се каже дали ќе ја продолжи оваа негативна традиција. Рака на срце, и харизматичниот лидер на Сириза и актуелен грчки премиер Алексис Ципрас, со својата „ва банк“ игра и распишувањето на овој, ајде така да го наречеме, чуден референдум, остава впечаток на популист и неконзистентен политичар. Но, ете, да не избрзуваме и ние…

Веќе рековме дека официјална Македонија се држи дефинитивно воздржано во однос на главниот европски проблем во моментов. Тоа, секако, не се однесува и на нејзините резиденти. Дел од македонските граѓани отворено се ситат на грчките проблеми (како резултат на повеќедецениската лоша заедничка историја, уште од времето пред Македонија воопшто да добие било каква државност), друг дел покажува некаква емпатија кон оние „обичните“ грчки граѓани, трети отворено навиваат за Сириза, читајќи ја нивната политика како антиглобалистички и антинеолиберален одговор на актуелниот банкарско-корпоративен капитализам, додека можеби најбројниот сегмент, едноставно, пресметува колку кеш е неопходно да се однесе на Егејот за да се помине традиционалниот годишен одмор.

Се разбира, не постои журналистичко сочинение во современа Македонија што се однесува на Грција, каде што нема да биде спомнат проблемот со името. И овој текст нема да биде никаков исклучок, иако македонско-грчкиот спор ќе биде допрен само по аналогија. Имено, откога постои грчаката држава, каква што ја познаваме денес, таа се именува, според актуелниот преговарачки вокабулар, по „двојна формула“. Нејзиното официјално име е (Х)Еленска Република (Eliniki Demikratia), а речиси целиот останат свет ја нарекува Грција (туркофонските држави и дел од арапските ја нарекуваат Јунан или Јунанистан). Можеби оттука е таа идеја Република Македонија да се нарекува така во рамките на сопствените граници, а да има друго име за надворешна употреба.

Името „Грција“ потекнува од латинското Graecia што значи „Земја на Грците“. Наводно, старите Римјани го употребувале овој израз за да ја означат територијата на ним современата Грција, односно да направат дистинкција од некогашната Елада. Според некои извори, првпат името Greaci го употребил Аристотел во својата „Метеорологија“ за население кое некогаш се нарекувало така, а потоа се нарекувале Хелени. Инаку, според Аристотел, Greaci, според сегашната геополитичка поделба, би биле Италијани, односно жители од западната страна на Јонското море. Според некои митолошки толкувања Греацус е син на Зевс и Пандора и тој е прататко на Грците, додека неговиот брат Латинус е прататко на старите Римјани.

Како и да е, останува да се види што ќе се случува со Грција. Таа, на крајот на краиштата, можеби ќе воспостави уште еден преседан – без оглед на резултатите на референдумот (или токму поради нив) да успее да добие уште некои олеснувања во враќањето на долгот. Она што Македонија (веќе сериозно задолжена земја) не смее да го заборави кога ќе се споредува со грчките преседани е фактот дека, без оглед колку ние и да учиме (и да се убедуваме) дека Страцин е крстосницата на Европа, Грција е сепак онаа европска, хрисјанска (иако ова не е најбитно, ама не е ни небитно) земја што се наоѓа на тромеѓето меѓу Европа, Азија и Африка. А тука се и сите оние мориња.

Ѕвездан Георгиевски