Кој не чува од медиумските чувари – граѓански мониторинг на регулаторните тела

Медиумските слободи во Македонија од година во година достигнуваат нови негативни рекорди. За прв пат, изминатава година, беше прогласена медиумски „неслободна“од Фридом Хаус, а според индексот на Репортери без граници, Македонија е на 118 место од 180 светски држави, или има пад од 84 места во период од 7 години.

Новинарот Зоран Бојаровски вели дека за оваа ситуација своја вина сигурно имаат и агенциите кои се задолжени за регулирање на медиумите.

„Не можат тие да се исклучат од генералната вина. Една од надлежностите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услиги (АВМУ) е да го чува јавниот интерес во медиумите, без исклучок дали се тоа јавни или комерцијални медиуми. Доколку таа агенција не укажува сериозно на тие проблеми и на дава излезни решенија, таа станува дел од проблемот – а не решение“, објаснува тој.

Токму тоа, според граѓанските организации, е една од целите на проектот „Proformance watch“, за мониторинг на АВМУ и АЕК (Агенцијата за електроснки комуникации). Целта е да се следи транспарентноста, одговорноста и независноста на овие две агенции но и запознавање на граѓаните со нивната улога и надлежности.

Според Бојаровски, слабостите во медиумите и комуникациите забележани во извештаите на домашните и меѓународните организации укажуваат дека за нивно надминување своја улога имаат и овие две агенции.

„АВМУ последниве години покажува склоност на поголема транспарентност, а можеби можам да забележам на ефикасноста – донесувањето одлуки, препознавање проблеми, нудењето решенија – па како резултат на тоа ние во таа агенција имавме политичко решение за привремено тело за следење на изборите, што е доволен индикатор. А кај АЕК, мислам дека таму се работи на поголема фокусираност на финансиите. Препознаено е дека сериозен дел од средствата се насочени кон проекти кои не се принципиелно во нивна надлежност- како панорамското тркало или кулата на Водно“, вели тој.

Бојаровски вели дека добар сигнал е што агенциите учествувале во изработката на методологијата на мониторирањето, и покажале интерес заедно со граѓаните да ги истражат слабостите, кои потоа би можеле да се претворат во предности.

Според досегашните анализи, граѓаните воопшто не се запознаени со работата на регулаторните тела, вели Горан Лазаров од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО). Токму јавниот интерес бил главен мотив во намерата да почне набљудување на работата на овие агенции.

„Имаме чувство дека граѓаните регулаторните тела ги поврзуваат со власта, со партијата на власт, а во демократско општество тоа не би требало да е така. Регулаторните тела треба да бидат луѓето кои ќе дебатираат, кои ќе прават реформи и ќе менуваат закони кои сметаат дека не се добри во одредена област. Ние не велиме дека тие не го работат тоа, но сакаме да ја направиме таа разлика за граѓаните“, вели Лазаров.

На настанот се промовираше основниот документ за мониторингот и „мониторниг матрицата“, во кој е претставена методологијата за мониторинг што ќе се применува за време на набљудувањето. Проектот започнал во септември 2016 година и ќе трае до март следната година, во кој е предвидено да се објават шест квартални извештаи преку кои граѓаните ќе се запознаат со начинот на работа на овие две регулаторни агенции.

Покрај МЦЕО, во проектот се вклучени и НВО Инфоцентар, Транспарентност Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.


Даниел Евросимоски