Коалиција Маргини и ХЕРА: Дали МОН во иднина нема да спречува насилство врз род и сексуална ориентација?

Коалицијата Маргини и ХЕРА испратија реакција до министерката за образование Рената Дескоска, изразувајќи загриженост во процесот за донесување на Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2015 година и акциски план.  Организациите се загрижени од непрепознавање на аспектите поврзани со недискриминација и силеџиство по основ на род, сексуална ориентација, родов идентитет и воведување на сеопфатното сексуално образование. Посочуваат дека иако биле вклучени во  поднесување на коментари и предлозите за унапредување на стратегијата, ниту една од нивните сугестии не биле земени предвид во финалната верзија.

„Дали неприфаќањето на нашите забелешки значи дека Министерството во наредните 8 години нема намера да преземе активности во насока на превенција и заштита од насилство и силеџиство засновано на род, сексуална ориентација и родов идентитет во училиштата? Дали ова значи дека нема да преземете чекори во насока на воведување на сеопфатно сексуално образование, а при ревизијата на учебниците нема да водите сметка за дискриминаторските содржини кон жените и ЛГБТИ луѓето?!“, прашуваат Коалицијата Маргини и ХЕРА.

Истовремено, додаваат, иако МОН најави формирање на работна група која ќе работи на анализи и давање на предлог системски модели за воведување на сеопфатното сексуално образование, сé уште отсуствува имплементација.

„Искрено се надеваме дека за сите оние иницијативи за кои нашите организации во последните месеци активно комуницираа и соработува со МОН, а за кои Вие и лично се заложивте дека ќе се унапредат, ќе преземете поголема одговорност и заложба да почнат ефективно да се реализираат, зошто нашата цел е само една – подобро образование на младите за нивната сексуалност и човековите и сексуалните права кое ќе придонесе до поголема демократизација на општеството и почитување на различностите“, соопштија од Коалиција Маргини и ХЕРА.