Коалиција 02: Жителите на Македонија не се четири пати поотпорни на аерозагадување од европските

Во секој момент, на седницa на Владата, очекуваме да биде разгледан и усвоен предлогот за праговите на информирање и алармирање за ПМ10. Во недостаток на мерки кои ќе владеат во тек на целата критична, грејна сезона, првенствено за Скопје, од 15 октомври до 15 април, сметаме дека единствено нешто што останува како некаква можност за реагирање од локалната власт и задолжително спроведување на краткорочните мерки се токму Праговите на информирање и алармирање за ПМ10, велат од Коалицијата за чист воздух О2.

Од Коалицијата на еко-организации и иницијативи потенцираат дека примарната функција на праговите е заштитна, а безбедно ниво на ПМ10 нема. Затоа, велат тие, неопходно е алармантната состојба да биде прогласена соодветно реалноста и опасностите по здравјето по секој жител, а не соодветно избегнување на бројот на уклучувања на тој аларм.

„Ако град Скопје не може да донесе сет мерки кои ќе важат во тек на целата грејна сезона, тогаш прагот ќе мора да ја отсликува реалноста на загадувањето со PM10, а не да ја избегнува истата“, соопштува Коалицијата.

Како граѓани на едни од најзагадените градови во Европа, велат активистите, во нивното барање доставено и до Владата на РМ, а според препораките на СЗО, ЕЕА и по подобрите европски примери, очекуваат Прагот на информирање за ПМ10 честиците да биде 50 μg/m3, а никако повисок од 75 μg/m3, два дена последователно.

„Прагот на алармирање, пак, да биде поставен на 70 μg/m3, но не повисок од 100 μg/m3, два дена последователно. Никакви дополнителни услови да не влијаат на надминувањето на праговите!“, реагираат активистите.

Токму затоа, велат тие, граѓанската иницијатива не се согласува со предлогот на Министерството за животна средина и просторно планирање, кој беше презентиран на 9 ноември и кој треба да го усвои Владата. Тој предлог е Прагот на информирање да биде 100 μg/m3 два дена последователно, Прагот прагот на алармирање 200 μg/m3 со намалување до 150 μg/m3 до 2022 година, два дена последователно. Да бидат надминати Праговите постојат дополнителни услови – прво, овие вредности да бидат измерени на 50% од поставените мерни станици во градот и, второ, добивање на прогноза за стабилна временска состојба во нареден период.

„Светската здравствена организација препорачува изложеноста да не е поголема од 20 μg/m3 годишно со максимално 3 дена годишно над 50 μg/m3, без дополнителни услови.

Клучното кај двата прага е нивото и времетраењето. Колку што се овие две вредности подолги и повисоко, толку се последиците по здравјето подраматични и штетата за сите граѓани е далеку поголема.

(Праг на информирање за PM10 ги дефинира пониските концентрации, кои, откако ќе бидат надминати се ризик за човековото здравје при краткотрајна изложеност и е потребно навремено информирање на ранливата категорија граѓани, децата, хронично болните, бремените жени, постарите лица …)

(Праг на алармирање за PМ10 е кога концентрациите достигнале ниво и времетраење, при што и кратка изложеност носи голем здравствен ризик за целото население и согласно Законот веднаш стапуваат во сила итни мерки кои, во најбрз можен рок, ќе го намалат нивото до дозволеното)“, објаснуваат од граѓанската иницијатива“, објаснуваат од граѓанската иницијатива.