Книжевен разговор со писателите Ренато Баретиќ и Емир Имамовиќ

Издавачката куќа „Готен“ органиаира книжевен разговор со писателите Ренато Баретиќ и Емир Имамовиќ, кој ќе се одржи утре (27 јуни),  во „Кино Култура“. Разговорот ќе го води писателот Владимир Јанковски.

На средбата ќе се разговара за творештвото на Баретиќ и на Имамовиќ. Исто така, ќе бидат отворени теми поврзани со актуелната хрватска книжевност и состојбата со книжевноста во регионот, како и за можностите за поголемо регионално вмрежување и соработка. Во рамки на разговорот ќе се допрат и прашањата поврзани со позицијата на литературата во современото општество и нејзиниот дијалог со главните општествени и културни процеси. Секако, нема да се избегнат и темите поврзани со личните поетички начела на авторите.

Ренато Баретиќ престојува во Скопје како гостин на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, а поводот за гостувањето на Емир Имамовиќ е неодамнешното објавување на македонскиот превод на неговиот роман Трето полувреме.

Ренато Баретиќ (Загреб, 1963) е новинар и писател, кој од 1983 година живее само од пишување. Автор е на три романи, на две збирки поезија и на неколку есеистички книги. Повремено работи како филмски и телевизиски ко-сценарист. Од 2007 година е уредник на програмата на фестивалот Причигин во Сплит. За романот Осмиот повереник, кој е преведен и на македонски јазик, освоил пет најзначајни национални книжевни награди.